Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, беше во онлајн инспекција на нелегален објект во близина на Пластичарската улица, во Општина Чаир. Се што таму се случуваше беше емитувано во живо на социјалните мрежи. Притоа, Арсовска побара од МВР веднаш да реагира. Таа изнесе дека објектот се гради без никакви документи.
-Во моментов во општина Чаир спротивно на закон си почнале нова дивоградба, за жал во овој момент не реагира МВР, го повикуваме министерот Панче Тошковски кој би требало да реагира, и го повикуваме Стојанче Ангелов овие необезбедениве дупки, каде може секој случаен минувач да се повреди, да излезат на лице место и да ни кажат дали има сејфти фрст. Направен е сериозен ископ, започната е градба. Општина Чаир и „принцезата на дивоградбите“ ги нема никаде. Возила нерегистрирани кои работат на објектот, без никаква дозвола, нема платено комуналии, нема одобрение за градење, нема проект, нема ниту еден документ со кој се гарантира безбедност на градба, и да не се чудиме за она кое се случува во Македонија. Дополнително, објектот е во ГУП на Скопје, каде што овие тука си одлучиле да си прават зграда без ниту еден документ – рече Арсовска.
На видеото таа разговара и со работниците, кои патем со своите неколку возила целосно го блокираат тротоарот и улицата, а освен погрешно паркирани, камиончињата се паркирани и во спротивен правец од улицата.
Но, претходно, кога градоначалничката стигнала на градилиштето имало 20-ина работници кои го напуштиле местото, а од полицијата одбивале да постапува, па таа во живо ги повика и МВР и градежните инспектори да дојдат на таа локација и да реагираат.
(А. П.)