Економскиот раст на земјава се забрза во првиот семестар од 2025 година, достигнувајќи 3,2% благодарение на домашната побарувачка и силната активност во секторите услуги и градежништво. Работните места, според Светска банка, се клучни за одржувањето на растот и во Западен Балкан
Светска банка ги зголеми проекциите за Македонија, прогнозирајќи економски раст од 3,1% во 2025 година. За наредните 2026 и за 2027 година Банката предвидува економијата на земјава да порасне до 3%. Со тоа, Светска банка во својот есенски извештај за корегира пролетната прогноза за раст од 2,6% за годинава, од 2,7% за наредната и 2,8% за во 2027 година. Ланските прогнози пак беа 2,8%, во 2023 година од 2,1%, а во 2022 година од 2,8% реален раст на Бруто домашниот производ.
Во најновата прогноза Македонија се извлече од дното на листата со најмал раст од земјите во регионот – БИХ од 2,6% и Србија – 2,8%. Прогнози за повисок економски раст од Македонија во 2025 година има за Црна Гора – 3,3%. Очекувањата за Албанија и Косово се 3,7% и 3,8%, што е надолна линија во однос на минатогодишните проекции коишто беа 4,0% и 4,4%.
Се забрза економскиот раст на Македонија
Светска банка оценува дека економскиот раст на Македонија годинава ќе биде поддржан од робусни јавни инвестиции и од растот на извозот.
– Показателите на пазарот на трудот продолжија да се подобруваат во согласност со зголемувањето на производството во првиот семестар од 2025 година. Сепак, постои итна потреба да се поттикне поголемо учество на работната сила, особено меѓу жените и младите, преку опремување со вештини и поддршка потребни за да се одговори на потребите на еден пазар на трудот што еволуира. Ризиците за перспективите произлегуваат и од домашни и од надворешни фактори, вклучувајќи слабо управување со јавни инвестиции, забавување на активноста на клучните трговски партнери и континуирана миграција – се вели во прогнозата за Македонија.
Економскиот раст на земјава се забрза во првиот семестар од 2025 година, достигнувајќи 3,2% благодарение на домашната побарувачка и силната активност во секторите услуги и градежништво.
– На фискалниот фронт, и дефицитот и долгот остануваат над фискалните правила утврдени во 2022 година, а се предвидува дека јавниот долг ќе го надмине минатогодишното ниво и ќе остане над 60% од БДП во 2025 година. Се очекува основната инфлација да падне под долгорочниот просек од 2% до 2027 година, бидејќи основните притисоци постепено ќе се намалуваат – велат од Светската банка.
Од банката сметаат дека позитивните економски перформанси ќе се одржат со разумно управување со јавните финансии и забрзани реформи – особено во областите на јавната администрација, енергетиката, човечкиот капитал и дигитализацијата.
– Преминувањето кон високи приходи ќе бара поголема продуктивност, подобра конкурентност и одржлив раст. Клучните приоритети вклучуваат отклучување на недоволно искористениот потенцијал на работна сила, промовирање на фер конкуренција, зголемување на иновациите и префрлање на ресурсите кон сектори со повисока додадена вредност – смета Керол Мегеванд, менаџер на Светска банка за Македонија.
Парадокс на пазарот на труд во Западен Балкан
Што се однесува до економскиот раст во Западен Балкан, се очекува умерено да забрза во 2026 година и да закрепне до 2027, поддржан од зголемувањето на инвестициите и постепено опоравување на извозот. За да се одржи напредокот кон приближувањето до Европската Унија, регионот мора да се фокусира на отворање на квалитетни работни места.
– Економскиот раст во Западен Балкан во 2025 година забави бидејќи инфлацијата предизвика намалување на потрошувачката, а зголемената несигурност ги ограничи трговијата и инвестициите и покрај постојаниот раст на платите и на кредитите. Фискалната политика, иако до некаде олабавена, и понатаму е дисциплинирана со дефицит под 3% и јавен долг на надолна траекторија. Просечниот регионален раст во 2025 година ќе достигне 3,0% што е за 0,2 проценти поени помалку од пролетната проекција. Растот се предвидува да се зголеми на 3,1% во 2026 и на 3,6% во 2027 година – се нотира во извештајот.
Според извештајот, Западен Балкан се соочува со парадокс на пазарот на труд: во одредени сектори опстојува недостигот на работна сила и покрај високите стапки на невработеност – над 10% и ниското учество во работната сила, што и понатаму е под 55%, особено кај жените, младите и постарите возрасни лица.
– Демографските трендови ги влошуваат овие предизвици. Работоспособното население веќе е значително намалено и се проектира дека до 2050 година ќе се намали за скоро 20 проценти. Ако продолжат постојните трендови на населението, растот и пазарот на труд, регионот во следните пет години би можел да се соочи со недостиг на повеќе од 190.000 работници. За да го поттикне растот, регионот на Западен Балкан мора да инвестира во основна инфраструктура што е критична за отворањето работни места. Тоа опфаќа зајакнување на образовниот и на здравствениот систем и зголемување на учеството во работната сила – особено кај жените и младите – се потенцира во извештајот.
Инвестирањето во транспортната инфраструктура, животната средина и во енергетската инфраструктура ќе помогне побрзо и поефикасно да се поврзат фирмите и луѓето, а со тоа да се подобри продуктивноста.
Инфлацијата се намалува – во септември измерени 4%
Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во септември 2025 година, во однос на август 2025 година, изнесува -0.2 %. Намалувањето на инфлацијата во септември 2025 година, во однос на август 2025 година, е резултат на намалувањето на трошоците на животот во следните групи: Транспорт за 3.3 %, Ресторани и хотели за 1.3 %, Рекреација и култура за 0.7 %, Облека и обувки за 0.3 %, Разновидни стоки и услуги за 0.2 % и Храна и безалкохолни пијалаци за 0.1 %.
Во септември 2025 година, во однос на август 2025 година, зголемување на трошоците на животот е забележано во следните групи: Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 2.8 %, Комуникации за 1.8 %, Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0.8 %, Здравје за 0.4 % и Домување, вода, електрика, гас и други горива за 0.3 %.
Трошоците на животот во групата Образование остануваат на исто ниво како и во претходниот месец.
Индексот на цените на мало во септември 2025 година во однос на август 2025 година изнесува 99.3.
Индексот на трошоците на животот во септември 2025 година, во однос на септември 2024 година, бележи зголемување од 4.0 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 4.1 %.
(С.Бл.)