Град Скопје вчера не успеа да го затвори нелегалниот премин на булеварот „Крсте Петков Мисирков“ кај Бит-пазар, но скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, денеска, во изјава за медиумите, истакна дека е упорен и решителен кога е во прашање почитувањето на законите и безбедноста на граѓаните.
– Ќе биде потребна поддршка од Министерството за внатрешни работи, а ќе разговарам и со градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити. До мене пристигнаа повеќе од 100 барања од граѓани што се загрижени за безбедноста – рече Ѓорѓиевски.
Тој го гледа решението или во тоа преминот да биде легален, но да се тргне надвозникот или, пак, надвозникот да стане функционален.
Градските власти вчера се обидоа да постават ограда за да го затворат преминот, но граѓани и дуќанџии не дозволија, спротивставувајќи им се, а потоа го блокираа булеварот. Интервенирала и полицијата, по што состојбата се смирила.
Нелегалниот премин кај Бит-пазар претставува сериозен ризик за пешаците, бидејќи многу граѓани го избегнуваат постојниот надвозник и директно ја преминуваат улицата, каде што сообраќајот е густ. Надвозникот е во лоша состојба, неодржуван и со лифт што со години не функционира, што го прави речиси неупотреблив.
(А. П.)












