Музичарот Горан Бреговиќ е ставен на списокот на непожелни лица во Летонија, изјави министерот за внатрешни работи, Рихардс Козловскис, на државната телевизија на 29 април, а неговите концерти во земјата планирани за ова лето ќе мора да бидат откажани. Заедно со Бреговиќ, на листата се најде и руско-литванската пејачка Кристина Орбакаите.
Музичарите беа ставени на црна листа по препорака на Службата за државна безбедност (ВДД), објасни министерот за внатрешни работи, пренесува РСЕ.
„Клучната причина е поддршката за агресијата врз Украина и учеството во јавни настани на окупираните територии. Ние како Летонија ја поддржуваме Украина и ќе продолжиме да го правиме тоа, така што ова е дефинитивно неприфатливо за нас во овој случај“, рече министерот.
Според информациите со кои располага ВДД, Бреговиќ од 2014 година неколку пати се појавувал на Крим, кој беше анектиран од Русија. Според нив, музичарот често јавно искажувал поддршка и на Русија, ширејќи дискредитирачки пораки против западните земји. Орбакаите по окупацијата настапувал и на Крим и учествувал на разни руски пропагандни настани, пишува РСЕ.
„Според оценката на ВДД, појавата на лица кои ја поддржуваат руската агресија во Летонија не е во интерес на националната безбедност на нашата земја, бидејќи може да поттикне меѓуетнички тензии во општеството“, се вели во писмениот коментар на ВДД, пренесена од националната телевизија.
И Бреговиќ и Орбакаите летово требаше да настапат во Летонија, а билетите се веќе пуштени во продажба. Концертите најверојатно ќе бидат откажани сега.
ВДД и Министерството за внатрешни работи ги повикуваат организаторите на настанот внимателно да ги проценат гостите уметници – ако некое лице настапува во Русија или нејзините окупирани територии во Украина, тоа се смета за поддршка за руската агресија и воените злосторства.
Минатата година на црната листа беа додадени 480 странци по препорака на различни безбедносни служби.