Голема акција за бесплатно собирање кабаст отпад во Ѓорче Петров

75

Почнувајќи од утре, па сè до 21 мај 2025 година, Општина Ѓорче Петров ќе спроведува пролетна акција за бесплатно собирање кабаст отпад.

Акцијата е наменета за сите жители на општината, со цел да се подобри хигиената во населените места и да се отстранат старите, нефункционални и габаритни предмети од дворовите и улиците.

-Станува збор за организирана и бесплатна услуга, наменета за одложување на габаритни предмети како стар мебел, електроуреди и друг отпад кој не припаѓа во редовните контејнери – појаснуваат од Општина Ѓорче Петров.

За таа цел поставени се вкупно пет фиксни локации со контејнери во Хром – Полјана, кај „Кочо Рацин“ во населбата Македонска Војска, кај месната заедница во Даме Груев, во „Александрија“, кај стара „петка“ – „Мирче Ацев“ и последната автобуска станица  на автобусот со број 5 во населбата Дексион, каде што ќе биде присутен и камион со капацитет од 18 кубни метри.

Покрај фиксните локации, во текот на целата акција специјално ангажирани камиони ќе кружат на секој еден час низ повеќе точки во урбаниот и руралниот дел на општината, и тоа : во урбаната зона: наспроти влезот на „Санте Плус“, улиците „Алексо Демниевски“ (број 27 и трансформаторот на број 1), „Христо Батанџиев“ (спроти детското игралиште), до кејот на Вардар (на крајот од улиците „Кичевска“ и „Рафаел Батино“), паркингот кај маркетот „Кам“ во населбата Даме Груев, како и игралиштето на поранешната „22-ка“ во Даме Груев

Во руралниот дел пак тоа се локациите: Ново Село (кај трансформаторот по месната заедница), Стопански двор (пред продавницата „Блага вода“), Кисела Јабука (крстосницата на улицата „84“ и улицата „46“), Волково (кај кружниот тек и кај „Дан Дар“) и во Кучково, Орман и Никиштани (сред село).

-Локациите се прецизно утврдени, а целта е секој жител да има брз и лесен пристап до услугата – потенцираат од Општина Ѓорче Петров.

Оттаму, апелираат до граѓаните да ја искористат оваа можност, но и да бидат совесни – кабастиот отпад да се остава исклучиво на означените места и во предвидениот период, за да се спречи нерегуларното депонирање и загадување на јавните површини.

 

ИЗДВОЕНИ