Српскиот тенисер и еден од најдобрите во историјата, Новак Ѓоковиќ, го доживеа еден од најтешките порази во својата кариера, откако беше елиминиран уште во првото коло на Отвореното првенство на САД.

Аргентинецот Маријано Навоне славеше со 3-2 во сетови, по голема борба и пресврт. Ѓоковиќ имаше предност од 2-1 во сетови, но потоа неговото тело едноставно не издржа.

Српскиот тенисер во текот на мечот се соочуваше со сериозни физички проблеми, повраќаше и во неколку наврати беше на границата на силите.

Сцените од Њујорк беа особено емотивни, бидејќи беше очигледно дека Новак се бори не само со противникот туку и со сопственото тело. По мечот, Ѓоковиќ откри дека проблемите го следеле практично од самиот почеток.

  • Се справувам со тоа во секој натпревар оваа година. Гадење, повраќање, сериозни проблеми. Одеднаш целото тело почнува да се распаѓа, изјави Новак.

Србинот призна дека во финишот веќе не можел да продолжи со истото темпо.

  • Грбот, едноставно, ми откажа, на крајот и рамото и коленото. Не можев да го доведам натпреварот до крај, рече Ѓоковиќ.

И покрај проблемите, Новак не сакал да се откаже бидејќи по освојувањето на третиот сет верувал дека може да направи уште еден голем пресврт.

  • Размислував да се откажам во овој натпревар, но потоа го добив сетот. Мислев дека има шанса. Не сакав да се откажам во четвртиот или петтиот сет, откри тој.

Овој пораз е историски, бидејќи Ѓоковиќ првпат во кариерата е елиминиран во првото коло на САД опен.

Дополнителен удар е и фактот што по турнирот ќе испадне од Топ 10 на АТП-листата. Сепак, самиот Ѓоковиќ не сакаше веднаш да зборува за крај на кариерата.

  • Не знам. Не би навлегувал толку длабоко. Се обидувам да сфатам што се случува и колку далеку можам да одам на овој начин, порача легендарниот тенисер.

Иако иднината е неизвесна, едно е сигурно – Новак веќе не може да го игнорира она што му го кажува неговото тело.

  • Кога ќе погледнете сè, имате многу за што да бидете благодарни. Тоа е она што се обидувам да си го кажам, заклучи Ѓоковиќ.

Наредните месеци ќе покажат дали ова беше само тежок момент или почеток на последното поглавје од една неверојатна тениска кариера.

ИЗДВОЕНИ