На отворањето на Годишната изложба на членовите на Друштвото на ликовни уметници на Македонија беа доделени и традиционалните награди. „Нерешки мајстори“, награда која се доделува на доајен на македонската современа ликовна уметност, годинава ја доби еминентниот македонски уметник и професор Родољуб Анастасов, за делото „Човек и време 2“ – масло на платно. Наградата за графика му беше доделена на Зоран Бошковски за делото „Продор на светлината“ – линорез, а за сликарство за 2025, пак, признанието го доби Елена Гелева, за делото „Кандило“– масло на платно
Во галерискиот простор Мала станица во Скопје, авчеравечер, беше отворена годишната изложба на членовите на Друштвото на ликовни уметници, кои се претставија пред пошироката публика со своите најнови остварувања. Пред љубителите на ликовната уметност, кои беа присутни на отворањето во голем број, беа изложени околу шеесетина дела на исто толку автори, кои со својот личен авторски печат и тема, предизвикаа голем интерес кај присутните. Оваа изложба е и една од најпосетените во текот на годината токму поради широкиот спектар на изрази и стилови претставени на едно место.
„Годишната изложба е пресек на сѐ што годинава сме направиле и на сè со што можеме да се пофалиме. А можеме да се пофалиме со голема професионалност која доаѓа од повеќе генерации кои сочинуваат една симбиоза. Таа симбиоза е она што нѐ прави силни и апсолутно смели да чекориме во професионалните води со различни ликовни идентитети, посочи на отворањето на изложбата Јана Манева-Чупоска, претседател на ДЛУМ.
Таа истакна дека членовите на ДЛУМ од различни генерации и творечки пристапи, со својот авторски печат, концептуална ориентација и уметничка енергија создаваат богат, слоевит и препознатлив визуелен пејзаж, со што се засилува автентичноста на македонската современа уметност.
Маја Рауник Кирков, претседател на Уметничкиот совет на ДЛУМ, пак, посочи дека во годинашното издание посетителите се среќаваат со инспиративен дијалог меѓу традицијата и иновацијата.
„Изложбата ги обединува делата во класичните медиуми како цртежи, слики, графики, скулптури – практики кои продолжуваат да ја формираат основата на визуелната креативност. Заедно со нив, современите пристапи како што се инсталациската уметност, новите медиуми, дигиталната и видеоуметност, фотографијата, експерименталните процеси и хибридните техники ги откриваат растечките можности на визуелната комуникација на 21 век, посочи Рауник-Кирков.
На вчерашното отворање на Годишната изложба беа доделени и традиционалните награди на ДЛУМ. „Нерешки мајстори“, награда која се доделува на доајен на македонската современа ликовна уметност, годинава ја доби еминентниот македонски уметник и професор Родољуб Анастасов за делото „Човек и време 2“ – масло на платно. Неговите дела се наоѓаат на сите континенти, во сите големи уметнички центри. Со својата плодна работа, со големиот број претставувања во државата и светот, и со педагошката работа, зад себе има огромна оставина за наредните генерации. Во Музејот на град Скопје во 2011 година е формирана и галерија која го носи неговото име и името на неговата сопруга, со донирани 398 негови дела. Во негово име, наградата ја прими член од семејството.
Годинава, наградата за графика му беше доделена на уметникот Зоран Бошковски за делото „Продор на светлината“ во техника линорез. Ова признание му беше доделено за исклучителноста и за иновативноста во креирањето на еден графички отпечаток со посебен ефект, стил и експресија…
Наградата за сликарство за 2025, пак, ја доби Елена Гелева за делото „Кандило“ – масло на платно.
Изложбата ќе биде отворена за посетители до 22. декември. (Д. Т.)












