Англискиот премиерлигаш Њукасл дури и не му се заблагодари на Александар Исак за неговите услуги откако тој потпиша за Ливерпул и го реализираше најскапиот трансфер во британската фудбалска историја. Клубот не го спомена неговото херојство во финалето на Карабао купот или неговите голови во своето соопштение, посветувајќи само 37 зборови за неговото заминување, објавува Дејли Меил.
Исак (25) ја заврши летната трансфер сага потпишувајќи долгорочен договор со Ливерпул вреден 125 милиони фунти (144 милиони евра). Истата вечер, навивачите на Њукасл го пречекаа новиот напаѓач Јоан Вис со раширени раце, потег што е донекаде ироничен со оглед на тоа што тој се однесуваше слично кон Брентфорд, исто како што Исак се однесуваше кон Њукасл.
При објавувањето на заминувањето на Исак, Њукасл напиша: „Њукасл Јунајтед ја објавува продажбата на напаѓачот Александар Исак на Ливерпул за значителна сума, рекордна за британски трансфер. Шведскиот репрезентативец им се придружи на „свраките“ од Реал Сосиедад во 2022 година и има 109 настапи во сите натпреварувања.“
На почетокот од изјавата тие наведоа дека проценетото време за читање е една минута.
Она што не го споменаа беше дека Исак постигна гол во финалето кога го освоија својот прв трофеј по пауза од 56 години. Клубот, исто така, го изостави фактот дека тој им помогна да се квалификуваат за Лигата на шампионите двапати во три сезони и постигна 62 гола во 109 настапи.
Трансфер сагата на Исак доминираше за време на летото, особено откако тој ја пропушти предсезонската турнеја во Азија и тренираше самостојно. Менаџерот Еди Хау инсистираше дека е можна реинтеграција, но откако беа договорени потписите на Ник Волтемаде и Виса, Њукасл одлучи да го пушти својот најдобар стрелец.
Исак пристигна во Мерсисајд во понеделник, ги помина медицинските прегледи, позираше за фотографите на тренинг-центарот и отпатува за Стокхолм за да се приклучи на шведската репрезентација. Искусниот напаѓач потпиша шестгодишен договор со Ливерпул.