Поранешната ѕвезда на НФЛ, Мет Калил, се најде во центарот на голем скандал откако јавно проговори неговата поранешна сопруга, инфлуенсерка и модел, Хејли Калил, за нивниот брак и за интимниот живот, во текот на пренос во живо. Само неколку недели подоцна, тој одлучи да одговори со поднесување тужба.

Според странските медиуми, поранешниот играч на Минесота поднел тужба во вторникот, на 6 јануари, тврдејќи дека Хејли дала „навредливи коментари“ што сериозно ги нарушиле неговата приватност и мирниот живот што го водел подалеку од очите на јавноста.

Порталот ТМЗ објавува дека Хејли отворено зборувала за својот сексуален живот во текот на нивниот речиси седумгодишен брак, во разговор со популарниот стример Марлон Гарсија, дури инсинуирајќи дека големината на гениталиите на нејзиниот поранешен сопруг била „главната причина“ за нивниот развод. Според тужбата, Калил сугерирал дека нејзината сексуална врска со него била толку проблематична што плачела по сексот.

По преносот во живо, тој тврди дека бил изложен на огромна количина несакано внимание, исмејување и на коментари и дека, како што вели, членовите на неговото семејство, исто така, морале да го издржат јавното ширење „понижувачки и длабоко лични изјави“. Тој конкретно истакна дека неговата нова сопруга, Кајлани Асмус, со која се ожени во 2024 година, почнала да добива вознемирувачки и алармантни пораки.

Калил, исто така, во својата тужба тврди дека Хејли имала финансиска корист по оваа изјава, бидејќи имало нагло зголемување на гледаноста, ангажманот и на заработката на социјалните мрежи. За сето ова, тој бара судење со порота и отштета поголема од 75.000 долари.

Неговиот адвокат рече дека таа открила приватни детали што не се од јавен интерес и дека нејзините постапки биле „екстремни, скандалозни и надвор од сите граници на пристојност“.

Од друга страна, таа не гледа проблем во она што го кажала. Нејзиниот адвокат тврди дека тужбата е правно неоснована и најавува барање за нејзино отфрлање. Се огласи и таа, нагласувајќи дека во текот на разговорот зборувала за својот поранешен сопруг во позитивен контекст. Сепак, на снимките што кружат на мрежите, се слуша како ги опишува проблемите во својот брак на многу сликовит начин, наведувајќи дека била подготвена да оди кај терапевт и кај лекар за да се обиде да ја спаси нивната врска.

ИЗДВОЕНИ