Иако официјалната сезонска метео анализа околу тоа каква зима ја очекува Македонија, Славчо Попоски најави дека ќе ја објави во декември, сепак во меѓувреме објаснува како стои состојбата со анализите за престојната зима во земјава.
Имено, метеорологот вели дека анализите се контрадикторни – едни покажуваат дека ќе има снег, а други, покажуваат дека престојната зима ќе биде топла и без снег.
„Многу се зборува околу силниот Ел Нињо, да, факт е дека пред нас е Ел Нињо зима и дека истиот е многу силен. Сепак, Ел Нињо не влијае на времето насекаде исто во Европа, но јас еве ќе се надоврзам на тоа како влијае на времето во Македонија“, пишува Славчо.
Ел Нињо зима е пред нас во Македонија, сепак и покрај ова, Ел Нињо нема голем интензитет и големо влијание во Македонија, најпогодени од Ел Нињо се западна и југозападна Европа каде сѐ уште има летни температури кои надминуваат 30 степени. Претстојната зима во Македонија иако поблага, не значи дека нема да има периоди со многу ладно, до екстремно ладно време и периоди со обилни врнежи од снег. Во текот на претстојната зима има веројатност да бидеме зафаени и од многу ладни, до екстремно ладни воздушни бранови од Арктикот кој би донесле голем студ во Македонија.
Од друга страна, кога многу ладниот воздух ќе стигне до Средоземјето, секундарно доаѓа до формирање на снежни циклони, кои оваа зима би можеле во Македонија да донесат и обилни врнежи од снег. Секако, во текот на зимата нормално е дека ќе има и надпросечно топли периоди во Македонија“, стои во неговата објава.












