Центарот, кој е наменет за повозрасните граѓани што имаат потреба од социјализација и активен живот, наскоро ќе почне со работа во Гевгелија. Се очекува да обезбеди пријатна средина за дружење, едукација и креативни активности на лицата од третата доба. Проектот е резултат на партнерска соработка меѓу Црвениот крст – Гевгелија и Општина Гевгелија, со поддршка од државата и од меѓународни институции

Во Општина Гевгелија наскоро ќе се воспостави нова социјална услуга: центар за дневен престој на лицата со активно стареење. Со оваа социјална услуга ќе бидат опфатени подвижните стари лица што имаат потреба од социјализација и можност и желба за активно стареење, чија здравствена состојба дозволува да бидат активни чинители во општеството. Веќе е прикрај реконструкцијата на просторот каде што ќе работи овој дневен центар и каде што повозрасните граѓани на Општина Гевгелија ќе го поминуваат своето време. Секретарот на гевгелискиот Црвен крст, Лазар Мешков, зборуваше за весникот ВЕЧЕР за целите и активностите на центарот.
Кои се носители на проектот и со кои средства ќе се финансира?
– Центарот за дневен престој на стари лица со активно стареење е партнерска соработка помеѓу Општинската организација на Црвениот крст – Гевгелија, како давател на услугата, и Општина Гевгелија, во рамките на проектот за подобрување на социјалните услуги на локално ниво, поддржан од Министерството за социјална политика, демографија и млади и Светска банка. За таа цел, пред извесно време, јас, како секретар, и градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, го потпишавме договорот за грант заедно со министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани.
Во колку фази се реализира овој проект?
– Проектот се реализира во две фази. Првата фаза е спроведување на проектната услуга, односно набавка, опремување, уредување на просторот и едукација и обучување на потребниот кадар за давање на услугата, согласно со Правилникот за начинот и обемот на социјалните услуги, нормативите и стандардите за давање социјални услуги. Втората фаза е испорака на самата услуга до крајните корисници, согласно со потребните критериуми од постојните законски нормативи и правилници на државата.
Која е главната цел што треба да се постигне со овој дневен центар?
– Популацијата во светот сè повеќе старее, а и Македонија не е исклучок. Оттаму, неопходно е се адаптираат програмите во локалните заедници на потребите на старите лица и да им овозможат да имаат здрав, активен и независен живот. Центарот за дневен престој на стари лица со активно стареење има цел да ги унапреди квалитетот на животот, благосостојбата и психофизичката состојба на старите лица, да поттикне социјализација, позитивен пристап кон животот во староста и да го збогати нивото на едукација. Спроведувањето на овие активности придонесува за намалување на ризикот од осаменост, социјална изолација и рана појава на когнитивни нарушувања, вклучително и деменција.
Колку вработени ќе ја даваат услугата и какви активности се предвидени во овој центар?
– Во центарот за дневен престој на стари лица ќе бидат ангажирани вкупно тројца, и тоа, стручен соработник – координатор на услугата, лице за поддршка на координаторот – асистент и уште едно лице, технички персонал. Се разбира, покрај нив, тука се и стручната служба и соработниците, како и волонтерите на Општинската организација на Црвениот крст – Гевгелија, кои ќе дадат свој придонес и поддршка во реализацијата на активностите, како и збогатување на програмата на дневниот центар. Ќе се спроведуваат широк спектар активности во дневниот центар, кои ќе бидат достапни за корисниците. Ќе се спроведува континуирана едукација на лицата од третата доба на различни теми од нивни интерес, меѓу кои и предавања од областа на здравството. Планирани се и креативни работилници, интерактивни сесии, дискусии на различни теми, но и активности за социјализација, како играње шах, карти, домино, а и читање весници. Ќе бидат организирани заеднички прошетки и екскурзии и меѓугенерациски споеви помеѓу постарите лица и младите и слично.
Колку ќе биде максималниот број корисници и кои пензионери ќе имаат предност?
– Во согласност со постојните законски нормативи, право на користење на услугите на центарот за дневен престој на стари лица со активно стареење ќе имаат старите лица што живеат сами или со својот брачен другар и на кои им се потребни социјализација и вклучување во програми за активно стареење. Максималниот број корисници на услугата и активностите на центарот за дневен престој на стари лица со активно стареење е 48 лица, во различен период од денот. Со отворањето на овој центар ќе се овозможи оваа популација на пензионери – стари лица да го најде своето место, да се чувствува исполнето и корисно.
Центарот се наоѓа на приземјето во Градскиот трговски центар во Гевгелија, на исклучително атрактивна и лесно достапна локација за сите граѓани, а ќе биде отворен секој работен ден, од понеделник до петок, од 8:00 до 16:00 часот.
Љубчо АЛЕКСОВСКИ












