Гевгеличани домаќини на регионалниот натпревар „Прва помош во училишна средина“

30

Општина Гевгелија и ОО на ЦК Гевгелија,  оваа година прв пат беа  домаќини  на Регионалниот натпревар на тема „Прва помош во училишна средина“, за регион 1.

Градот на југот  денеска беше обоен  во црвено бела боја, боите на знамето на  Црвениот крст.  16 средношколски екипи, составени од членови, натпреварувачи, волонтери и секретари од Основните организации на Црвениот крст од градовите Гевгелија, Ресен, Делчево, Берово, Свети Николе, Велес, Струмица, Демир Хисар, Крушево, Кавадарци, Гостивар, Прилеп, Виница, Гази Баба и Кочани, се собраа во сончевата Гевгелија за да го покажат своето знаење, вештина и храброст од областа на пружањето прва помош.

На учесниците  најнапред им се обратија  генералниот секретар на Црвениот крст на Република Македонија, д-р Саит Саити, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов и секретарот на ОО на ЦК Гевгелија, Лазар Мешков:

„Во годината кога славиме 80 години постоење на нашата организација под мотото „80 години ние гледаме луѓе“ би сакал да ги поздравам сите натпреварувачи кои се дојдени во Гевгелија од речиси цела Македонија со една основна  цел, да се натпреваруваат, да се дружат и да го покажат своето познавање од областа на пружањето на првата помош.

Црвениот крст на РСМ дава посебен придонес во промовирање на првата помош во образовните институции каде  ги едуцираме младите за важноста од правилно и навремено укажување на прва помош.

Овие натпревари не само што ги поддржуваат младите во развој на практични вештини, туку ја поттикнуваат и свеста за важноста за правилна и брза реакција при итни состојби“, истакна во своето обраќање д-р Саити.

Градоначалникот Сарамандов, откако се заблагодари на доверената чест, токму Гевгелија да биде домаќин на овој натпревар рече:

„Денеска во нашиот град се промовираат волонтерството, солидарноста и градењето на побезбедна и похумана локална заедница. Верувајте дека сите вие сте победници, но бидејќи секој натпревар има и најдобри, посакувам на крајот да победат младинскиот дух и знаењето“, потенцираше тој.

Секретарот на ОО на ЦК Гевгелија, Мешков пред натпреварувачите посочи дека овој настан ги обединува младинската хуманост, посветеност на спасување човечки животи и покажување на тимскат работа во презентирањето на знаењето од областа на пружањето на првата помош.

Во центарот на Гевгелија, за одржување на овој натпревар беа монтирани шатори под кои над деведесет натпреварувачи се натпреваруваа во укажувањето на прва помош во критични ситуации,  ги тестираа своите можности и ги потсетија граѓаните колкку е важно да бидеме подготвени кога ќе се појави некоја неочекувана и несакана ситуација.

На крајот на најдобрите екипи им беа доделени дипломи и пехари. Најдобра екипа беше онаа на ОО на ЦК од Кочани, второто место го освои екипата на ОО на ЦК од Гази Баба, додека третото место го освоија членовите на екипата на ОО на ЦК од Виница.

Љ. А.

ИЗДВОЕНИ