Германската крајнодесничарска партија „Алтернатива за Германија“ (AfD) предлага радикална реорганизација на Европската унија. Во документ до кој дојде „Политико“ (Politico), партијата предлага укинување на директните избори за Европскиот парламент и префрлање на политичкото одлучување на владите на земјите-членки. Според овој план, Европската комисија би извршувала само административни функции.
Наместо директно избрани претставници, Европскиот парламент би се состоел од делегати назначени од националните парламенти. „АфД“ исто така предлага замена на Судот на правдата на Европската унија со арбитражно тело, наменето за решавање спорови меѓу државите. Планот вклучува намалување на буџетот на ЕУ и укинување на одредени европски агенции.
Документот ја посочува 2029 година – годината во која се очекуваат следните избори за Европскиот парламент и сојузните избори во Германија – како почетна точка за овие реформи. Во него, таа година се споменува како можност за создавање „патриотско и десничарско мнозинство“ во Европскиот парламент. Копретседателката на „АфД“, Алис Вајдел, утре ќе го претстави планот во Стразбур.
Во првата фаза, „АфД“ не предлага Германија да ја напушти Европската унија или еврозоната. Наместо тоа, партијата повикува на измени на европските договори и враќање на одредени овластувања на земјите-членки. Доколку ваквите реформи не успеат, партијата предвидува одржување референдум за членството на Германија во ЕУ.
Уште на 5 октомври, повикувајќи се на претходен внатрешен стратешки документ на „АфД“, „Ројтерс“ извести за овој заокрет кон реформирање на ЕУ пред евентуалното излегување. Новите детали вклучуваат предлози за реструктуирање на европските институции, како што пренесе „Политико“.












