вторник, септември 1, 2026
Дома СВЕТ Германија ја обвини Русија за напад со беспилотнo леталo на аеродромот во...

Германија ја обвини Русија за напад со беспилотнo леталo на аеродромот во Лајпциг – објави затворање на рускиот конзулат во Бон

16

Германија изјави дека Русија е одговорна за нападот со беспилото летало на аеродромот во Лајпциг на почетокот на август, пренесува „Би-би-си“.

Дрон што носел експлозивна направа е откриен на аеродромот Лајпциг/Хале во источна Германија, во близина на украински товарни авиони, на 4 август.

Не експлодирал бидејќи детонаторот очигледно бил неисправен, а истражителите се сомневаат дека втор дрон се судрил со близок товарен авион.

Трет дрон наводно е пронајден во близина на аеродромот 10 дена подоцна.

Министерот за внатрешни работи Александар Добринт изјави дека нападот на аеродромот во Лајпциг го следи „добро воспоставениот модел на руски хибридни операции во Европа“ и дека се очекува Германија повторно да биде цел.

Безбедносните експерти шпекулираат дека Русија можеби е одговорна, но Москва отсекогаш ги негирала таквите тврдења.

Аеродромот Лајпциг/Хале во источна Германија го користат германската војска и сојузниците на НАТО за транспорт на воени материјали, а исто така служи и како база за украинската авиокомпанија Антонов.

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул, стоејќи до Добринт на прес-конференција во Берлин, изјави дека ќе нареди затворање на рускиот конзулат во Бон и дека договорот за Куќата на Русија во Берлин – за која многу набљудувачи велат дека се користела за шпионажа и ширење на руска пропаганда – исто така ќе биде раскинат.

Шефот на НАТО, Марк Руте, изјави дека воената алијанса „изразува целосна солидарност со Германија“.

„Доказите се јасни. Ги поздравувам мерките што ги објави Германија“, напиша тој на платформата за социјални медиуми „Икс“.

Прашањето ќе биде дискутирано на состанокот на министрите за надворешни работи на Европската Унија во Ирска подоцна во вторник.

Германија е една од неколкуте земји-членки на НАТО што пријавиле дронови на аеродроми, воени и индустриски објекти во текот на изминатата година.

Објавата доаѓа откако германската полиција соопшти дека истражува импровизирани експлозивни и запаливи направи во трафостаница во источната покраина Бранденбург.

Далноводот беше оштетен, што предизвика привремен прекин на електричната енергија.

Не е познато кој ги поставил направите.

Берлин не коментираше кој стои зад нападот во Лајпциг, освен што рече дека можеби биле вклучени „странски сили“.

Американските медиуми веќе објавија дека официјални лица во Вашингтон го поврзале инцидентот со Русија.

Берлин нагласи дека Германија е „секојдневна цел“ на хибридна војна.

Владата се стреми да ги зајакне овластувањата на своите разузнавачки служби, долго критикувани како релативно слаби, за да се спротивстави на ваквите закани.

 

ИЗДВОЕНИ