Кампањата „Меѓународен младински штрајк“, која собира 30 младински и студентски организации од повеќе од 10 европски земји, стои зад најавените протести. Организаторите нагласуваат дека целта на оваа акција е борбата против војната, милитаризацијата, мерките за штедење, империјализмот и климатската криза
Бран масовни протести, од кои повеќето насилни, зафати повеќе европски земји. Од Франција, Белгија и Италија до Албанија, Грција, Португалија и Шпанија, последниве недели, младите се на улица. Поводот е секаде различен, но причините за незадоволство се исти: високите трошоци за живот, становите што младите не можат да си ги дозволат, образованието што пропаѓа, ниските плати и незадоволството од властите. Но, ова што се случува сега не е толку страшно, ако се спореди со она што допрва планира да го направи генерацијата зет. Студенти и ученици од 48 европски земји договорија масовни штрајкови и протести на 20 ноември, со поддршка на бројни организации.
Најавените меѓународни младински протести би можеле да донесат значајни промени низ цела Европа. На тој ден, под слоганот „Се бориме за нашата иднина, а не за нивните војни“, на универзитетски штрајкови, јавни демонстрации и други акции ќе излезат илјадници млади на повеќе од 100 локации ширум Европа, вклучувајќи и две земји од регионот – Хрватска и Словенија. По социјалните мрежи веќе се објавуваат постери на кои пишува дека штрајковите и акциите ќе почнат на 20 ноември во 10 часот наутро. Неодамна, на „Редит“ се појави плакат со пораки „Сите држави, сите градови, иста борба“ и „За студентите, за нашите права, за секој живот, за чесна иднина“. Синдикатите и студентските организации од неколку европски земји изјавија дека ќе продолжат со мобилизацијата до 20 ноември, познат како ден „20Н“. Според информациите од студентските синдикати, се очекува младински штрајкови да се одржат во Франција, Италија, Германија, Шпанија, но и во Велика Британија, Австрија, Швајцарија, Словенија, Хрватска, Данска, Белгија, Холандија,Шведска… Германското движење „Школски штрајк против регрутација“ потврди учество, фокусирајќи се на протестите против воведувањето на задолжителна воена служба и милитаризацијата на образованието.
Зад најавените протести стои кампањата „Меѓународен младински штрајк“ (ИЈС), која собира 30 младински и студентски организации од повеќе од 10 европски земји. Организаторите нагласуваат дека целта на оваа акција е борба против војната, милитаризацијата, мерките за штедење, империјализмот и климатската криза. Според нивните изјави, владите сè повеќе издвојуваат средства за воени трошоци, додека финансирањето за образованието, здравството и јавни услуги е занемарено. На официјалната веб-страница на кампањата ИЈС, тие наведуваат дека на 20 ноември, организации од различни делови на Европа ќе спроведат координирани прекини на наставата, ќе организираат демонстрации, митинзи на универзитетите и други јавни акции. Во исто време, синдикатите и социјалните движења се поканети да се приклучат на младинската мобилизација од 20 до 22 ноември.
Според достапните информации, меѓународните младински протести на 20 ноември ќе бидат организирани во форма на студентски штрајкови, јавни собири и блокади на неколку локации низ Европа. Организаторите нагласуваат дека милитаризацијата сè повеќе продира во училиштата и универзитетите, преку регрутирање и истражувачки проекти финансирани од државните буџети. Тие додаваат дека протестите ќе бидат насочени кон подигање на свеста за важноста на инвестирањето во образованието, здравството и заштитата на животната средина, наместо во зголемување на воените трошоци.
Искрата што го запали огнот низ Европа се случи пред еден месец во Франција кога учениците излегоа на протести, кои до саботата тие се раширија низ целата земја станувајќи екстремно насилни. Огнот на протести потоа се прошири низ Белгија, каде што од 1 овој месец средношколците протестираат против планот за заштеда на 500 милиони евра во образованието на француски јазик. Две недели подоцна, на улица излегоа и италијанските ученици во Милано, Торино, Болоња, Верона, Рим и Бари под мотото „Ден без Мелони“, за во саботата, Милано да се претвори во бојно поле, кога претежно маскирани млади мажи се судрија со полицијата во близина на катедралата. Со многу насилство се протестира и низ Албанија, каде што се напаѓаат и оштетуваат владини згради. Во Атина, на 13 октомври, студентите почнаа протест на плоштадот Синтагма, пред парламентот и пред Министерството за финансии, поради цените за сместување недостапни за студентите и недоволното финансирање на јавното образование. Во Шпанија, младите и другите на улица ги извади станбениот проблем, а примерот го следеше Португалија.












