Одбраната на Дејан Јованов, сопственикот на „Пулс“, каде што институциите најдоа низа неправилности и каде што се случи најголемата трагедија, наводно, не знаел дека групата ДНК ќе има пиротехничко шоу, а не бил ни свесен за пропустите во своето работење затоа што ниту една институција не му посочила дека има пропусти во работењето

 

Во судницата која се наоѓа непосредно до КПУ „Идризово“, денеска продолжи судењето за обвинетите за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Сите до еден, вкупно 35, пред судијката и семејствата на жртвите кои го следат судењето од последните редови во судницата, кажаа дека не се чувствуваат виновни за несреќата која однесе 63 млади животи.

Првообвинетиот, Дејан Јованов, познат како газда Деко, прв се изјасни дека кај него нема вина за кривичното дело што му се става на товар.

На секое негирање на вина, воздишки и реакции се слушаа од родителите на загинатите кои на судењата доаѓаат облечени во маички со ликовите на загубените деца. Судијката им рече дека ја разбира нивната болка и им наложи да бидат тивки, за да има ред во судницата.

Второобвинетиот, Митко Стојанов, пред да каже дека не се чувствува виновен, рече дека искрено жали за болката на родителите и кога би можел животот би го дал на местото на загинатите. Така се изјаснија и третообвинетиот, Михаил Јованов и четвртиот обвинет, Гроздан Милковски. Архитектката Милка Едровска рече дека не чувствува вина.

„Сакам да изразам сочувство до родителите. И јас ја имам истата болка“, рече таа.

Тодор Јованов, брат на првообвинетиот Деко, рече дека како родител на повредено дете во пожарот изразува сочувство за сите загинати, а на повредените им посака што побрзо да оздрават.

„За оваа трагедија не се чувствувам виновен“, рече Јованов.

Општинскиот градежен инспектор Огњен Георгиев, исто така, изрази сочувство за загинатите.

„Воопшто не се чувствувам виновен и не ми е јасно зошто сум обвинет и зошто сум воопшто тука. Јас сум пензионер и да имам некое дело, тоа е застарено. Но, имам докажано во две испрашувања дека немам никаква вина и треба да сум слободен. Најверојатно сум обвинет за да нѐ има тука што повеќе“, кажа Георгиев во судницата.

Градежниот инспектор Љупчо Стаменков рече дека се поклонува пред починатите.

„Не се чувствувам виновен и не знам зошто се води оваа постапка против мене. Јас немам никакви упатства за тој објект и не сум го посетил“, рече тој. И градежниот инспектор Николчо Коцев рече дека не се чувствува виновен, а кратко се изјасни и поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски.

Поранешниот градоначалник на Кочани, Николче Илиев, рече дека и покрај тоа што бил на погребот, ја користи можноста повторно да изрази длабоко сочувство за загинатите во пожарот, и тој не се чувствува виновен.

Поранешниот градоначалникот Љупчо Папазов, кој под притисок на жителите од Кочани си поднесе оставка непосредно по несреќата, рече дека не му ги разбира намерите на Обвинителството да биде сместен во вака, како што кажа, конструирано обвинение. „Не може да се избегне впечатокот за селективност во постапката. Не чувствувам вина“ – рече Папазов.

Директорот на агенцијата „Рубикон“, Александар Нацев, изрази сочувство за загинатите. „Овде сме за правдата, да не се осудуваме предвреме, не се чувствувам виновен“, рече тој. И Лазар Захариев и Ивица Грозданов, обезбедувачи на дискотеката за време на концертот на ДНК, негираат вина. „Бев затекнат во објектот, помагав три часа, направив сѐ што можам. Не треба да сум обвинет“, рече Грозданов.

Обезбедувачот Мартин Георгиев изрази длабоко сочувство до родителите и рече дека не се чувствува виновен за делата што му се на товар. „Ние, како обезбедување, го ризикувавме животот за да спасиме што е можно повеќе луѓе“, рече тој. Обезбедувачот Стојанчо Димитриев со плачење кажа дека чувствува само болка и тага затоа што има многу другари и пријатели меѓу загинатите. „Направив сѐ што можев, ризикувајќи го својот живот да спасам животи. Не се чувствувам виновен“, рече Димитриев.

И четворицата поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување се изјаснија за невини. „Ова е политички мотивирано и правно неосновано“, рече Шабан Салиу, кој е и актуелен министер без ресор. Вина не чувствуваат и поранешните министри за економија, Крешник Бектеши и Ваљон Сараќини.

Аднан Џаферовски рече дека обвинението нема допирна точка со него, а Беким Максути рече дека во обвинението нема никакви директни дејства што ги презел, а се поврзани со настанот.

„Ни на сон не сум мислел дека ќе доживеам вакво нешто. Јас работев во Министерството за економија во 2012 година, а во 2013 веќе не. 13 години не сум во Министерството и не се чувствувам виновен“, рече обвинетиот Зоран Николовски.

По изјаснување за вина, судењето продолжи со воведните говори на обвинетите и на нивните адвокати. Првообвинетиот сопственик на „дивата“ дискотека „Пулс“, Дејан Јованов, во судницата рече дека постојано сите овие девет месеци, колку што бил во ќелија, ја преживувал трагичната ноќ. Ја уверува јавноста дека доколку знаел, би презел сѐ за да обезбеди сигурни услови за одржување на концертот на групата ДНК.

„Зарем сериозно мислите дека доколку би знаел дека фали нешто, не би презел нешто. Во тој клуб имаат пораснато 10-тина генерации. Сите знаат дека се грижам за сите гости на клубот. Од срце и од душа сакам да им изразам сочувство на сите фамилии што изгубија некого, а на повредените брзо закрепнување, затоа што и ние во нашата фамилија имаме починато член и повреден член и ја носиме истата болка како и вие што ја носите“, рече Јовановски.

Родителите бурно реагираа на неговиот говор и вознемирени ја напуштија судницата. Претходно, неговата адвокатка го окфалификува обвинението како неиздржано и конструирано.

„Тешко ми е да го бранам човекот што за сите вас, во вашите очи е убиец, а за мене само еден обичен човек. Еден обичен човек, кој колку и да го правите монструозен, тој не е. Тој е човек на кого му падна на товар институционалната одговорност. Не сме свесни ниту колку локали и моментално функционираат пропуштени од институционален надзор, кој во конкретниот случај ниту ние немаше да го осознаеме, ако ја немавме и немарноста на ангажираните музички артисти (ДНК) кои биле ангажирани во локалот на Дејан“, рече адвокатката на првообвинетиот. (П. А)

Во ќелијата на обвинет во „Кочани“ пронајдени 13 мобилни и лаптоп

Судијката Диана Груевска-Илиевска, пред да почне рочиштето за предметот „Кочани“, го прозва обвинетиот Џеваир Камбери, службеник од Министерство за економија, и го соочи со веста што ја добила – дека кај него се пронајдени 13 мобилни телефони и лаптоп. На ова, обвинетиот рече дека телефоните ги затекнал кога влегол во ќелијата, и оти не биле негови.

– Пронајдени се 13 телефони и не се ваши? Јас ве опоменувам, знаете дека ако се повтори, ви следува самица и други казнени мерки – рече судијката.

Пред почетокот на судењето, судијката информираше дека биле поднесени нови полномоштва за оштетени лица. Еден од нив пред судскиот совет се појави со преврзана глава, сѐ уште лекувајќи ги тешките повреди здобиени во пожарот. Тој пред судот изјави дека се приклучува кон кривичниот прогон на обвинетите, но истакна дека отштетното побарување ќе го остварува во граѓанска постапка.

 

ИЗДВОЕНИ