Гаши ќе го презентира Извештајот за првата година од мандатот

130

Средба со претставници на медиумите на која што ќе го презентира Извештајот за првата година од мандатот ќе оддржи денеска претседателот на македонското Собрание Африм Гаши. Извештајот се поднесува на денот кога пред едена година беше конституиран и новиот собраниски состав – 11. по ред од почетоците на плурализмот во земјава.

Гаши беше изгласан со 76 гласа „ЗА“ од партиите во парламентарното мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ. Против беа шестмината од Левица, од СДСМ не гласаа, додека, пак, пратениците од Деморатската унија за интеграција не беа во салата.

Свечената изјава ја даде најпрво на албански, а потоа на македонски јазик, пред да ја преземе функцијата.

-Иако тука сум со мојата политичка, етничка и верска припадност, а утре со претстојната Влада којашто се комбинира помеѓу ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата ВЛЕН и партијата ЗНАМ, јас ќе бидам дел од владиното мнозинство. Сепак, како претседател на Собранието, мојата единствена припадност ќе биде гаранцијата дека ниеден пратеник нема да се чувствува незастапен или не дај Боже – дискриминиран – кажа тогаш новиот претседател на Собранието, Африм Гаши, во своето обраќање.

Во собранискиот состав има пратеници од шест политички субјекти што учествуваа самостојно или во коалиција на парламентарните избори, со свои листи во шестте изборни единици. Коалиција „ТВОЈА МАКЕДОНИЈА“ – ВМРО- ДПМНЕ има 58 мандати во Собранието, а коалициите „ЗА ЕВРОПСКА ИДНИНА“ – СДСМ и „ЕВРОПСКИ ФРОНТ’’ имаат по 18 пратенички места. Коалицијата „ВЛЕН“ освои 14 мандати, а партиите Левица и ЗНАМ по шест мандати. (Б.Ѓ.)

Фото: Фејсбук

ИЗДВОЕНИ