Последниот натпревар во Лигата на шампионите за македонскиот шампион Еурофарм Пелистер оваа година е гостувањето во Хрватска и дуелот против Загреб. Со комплетен ростер и голема желба за реакција ракометарите и стручниот штаб отпатуваа за Хрватска, а непосредно пред заминувањето, тренерот Рубен Гарабаја го прокоментира гостувањето на битолскиот тим кај екипата на Загреб и беше реален во очекувањата, истакнувајќи дека противникот има промена на тренерската позиција, што автоматски подразбира поинаков меч од оној во Битола.
Пелистерци имаат шанса за нов добар резултат во Лигата на шампионите, а Гарабаја се надева на позитивен исход кој ќе му даде уште поголем мотив на тимот.
„Имаат голема мотивација откако добија нов тренер. Одиграа одлично во Сегед, цврст тим се, не се откажуваат никогаш. Ќе биде тежок меч, и тие се надеваат на победа против нас. Имаме тежок распоред сега, за разлика од некои полесни мечеви минатиот период. Времето е кратко, но се подготвуваме најдобро што можеме. Следуваат важни натпревари и сакаме да се претставиме во посакуваното светло.
Играме и во првенството и во Лигата на шампионите, но не смееме да се жалиме. Ќе имаме многу малку одмор пред дуелот со Загреб, но го знаеме тоа. Сепак, ќе одиме да одиграме квалитетно и се надеваме на победа“, изјави Гарабаја.
За мечот со хрватскиот шампион зборуваше и малдиот пикер на македонскиот шампион Самоил Ристевски, кој се покажа во одлично светло на првенствениот меч против Алкалоид.
„Физички се чувствувам одлично. Благодарност до сите во тимот за поддршката во тешкиот период. Имав минутажа на последните натпревари, сакам да играм подобро и да го докажам мојот квалитет. Се подготвуваме за Загреб, гледаме видео-анализа, тренираме напорно и се надеваме на најдоброто. На секој меч одиме на победа, така ќе биде и овој пат. Загреб е одлична екипа, во Лигата на шампионите нема лоши тимови во најсилното клупско ракометно натпреварувањ. Ќе одиме да извојуваме победа и се надевам дека ќе успееме во нашата намера.“, кажа Ристески.
Еурофарм Пелистер има четири бодови на табелата во групата Б, каде може да го подобри учинокот со евентуален добар резултат на гостувањето кај Загреб. Натпреварот се игра утревечер од 18:45 часот.












