Со гала-концертот „Мостови на уметноста, Скопје – Софија“, на 21 јуни, Светскиот ден на музиката, започнува 46. издание на фестивалот „Скопско лето 2025“, кое годинава ќе ѝ понуди на публиката повеќе од 35 настани во текот на 40 дена. На различни културни сцени низ градот ќе се одржат бројни концерти, театарски претстави, изложби, литературни вечери и танцови перформанси.
– И оваа година фестивалот ѝ останува посветен на својата мисија да ги спојува генерациите, традициите, современите текови на културата, уметниците од Македонија, регионот и од светот – посочи Василија Чали, проект-менаџер на „Скопско лето“.
Изложбата со моќен визуелен јазик „Зона Фобија“ на уметникот Томе Аџиевски ја започнува уметничката програма на фестивалот на 21 јуни, а ќе биде отворена во 19:00 часот, во Музејот на Град Скопје. Во 20:30 часот, таа вечер, во големата сала на Филхармонијата ќе се одржи гала-концертот „Мостови на уметноста, Скопје – Софија“ со академскиот оркестар „Панчо Владигеров“ од Националната музичка академија во Софија, со млади музичари и солисти од Македонија и од Бугарија. Овој настан, како што додаваат од „Скопско лето“, ги симболизира регионалната соработка, младешката енергија и универзалниот јазик на музиката.
– Благодарен сум им на организаторите што нè поканија за отворањето на музичкиот дел на фестивалот „Скопско лето“. Тоа беше повод и ние да поканиме млади таленти од цела Македонија да бидат дел од нашиот концерт. На тој начин да ја покажеме поврзаноста на двете држави, дека талентите може да поврзуваат и дека музиката е наш заеднички јазик – посочи Сава Димитров, ректор на Академијата за музичка уметност во Софија, која единствена има сопствен професионален оркестар.
Диригенти на концертот, кој ќе биде составен од два дела, се Ана Спасовска од Македонија и Николаи Хилендаров од Бугарија, а како солисти ќе настапат Јана Каевска – флејта, Марија Магдалена Желјазгова – флејта, Сања Јовиќ-Ѓорѓевиќ – виолина, како и Тодор Иванов – виолончело, Искра Атанасова-Митуш – пијано и Николај Маринов – пијано, а ќе бидат изведени дела на Вивалди, Моцарт, Лист и на Чајковски.
Вториот ден од „Скопско лето“, 22 јуни, исто така ќе биде интересен за публиката. Во организација на српскиот културно-информативен центар „Спона“, кој одбележува 20 години постоење, на мостот пред Македонскиот народен театар, во 20:30 часот, ќе биде одржан концертот „Вечер на шлагери“ под диригентската палка на Иван Еминовиќ, додека водителка ќе биде Вера Јанковиќ.
Присутните ќе може да ги слушнат добропознатите евергрини „Ко некад у осам“, „Била си тако лјепа“, „Одисеја“, Кажи нешто, драга“, „Сонце за три светови“ и многу други. Композициите ќе бидат изведени од Оливер Њего, Денис Димоски, Васко Здравков, Андријана Јаневска, Вера Јанковиќ, Ана Петановска, Маја Панчева, Александар Тарабунов…
Друштвото на ликовните уметници, во рамките на фестивалот, на 1 јули (20:30 часот) ќе се претстави со интересна мултисензорна изложба „Скопски урбани приказни“, која ќе се реализира на повеќе локации во Скопје, а ќе бидат претставени дела на 14-мина уметници, под кураторство на Ана Франговска. За јавноста ќе биде испечатена и мапа со локациите каде што ќе бидат поставени делата.
Гала-концертот на Вјечеслав Поповски и на „ACIES квартет“, кој ќе се одржи на 14 јули (20:30) во малата сала на Филхармонијата, е, исто така, еден од настаните што беа најавени на денешната прес -конференција.
– Се работи за еден исклучителен и посебен концерт бидејќи ќе настапам со сопствени аранжмани, а и инструментите со кои ќе настапат музичарите се моја изработка. Ќе бидат изведени класични композиции од германското и од италијанското подрачје, со филмска музика од најпознатите остварувања, како и македонски народни песни, кои се потрудив да ги претставам во нови светло и призвук – посочи Поповски.
„Скопско лето“ завршува на 30 јули со концерт на Камерниот оркестар на музичка младина на Македонија „Саша Николовски Ѓумар“ во Сули ан (20.30 ч.) под раководство на маестро Иван Еминовиќ.
Ова се само мал дел од настаните што ќе се одржат во рамките на фестивалот, кој ќе трае до 30 јули, а публиката ќе има можност да го проследи и концертот на групата „Баклава“, на ансамблот „Танец“,театарски претстави, како и бројни изложби и концерти со домашни и со странски уметници.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и од Град Скопје. (Д. Т.)