Во фоајето на Националната опера и балет (НОБ), на 18 јули, со почеток од 20 часот, ќе се отвори изложбата „Flora Imaginarium” на македонскиот уметник и графички дизајнер, Зоран Кардула.
Изложбата е инспирирана и е резултат на проект кој уметникот го работел последниве две години, за една позната македонски трговска марка. Делата на Кардула се карактеризираат со експресивни бои, стилизирани органски форми и суптилен наратив, кој го истражува односот меѓу човекот, екологијата и потрошувачкото општество. Познат по своите поп-арт и конструктивистички естетики, Кардула овој пат ги комбинира елементите на илустрација, графички дизајн и визуелна поезија. Изложбата се состои од повеќе дизајнирани постери, дигитални колажи и експериментални графички композиции кои ја прикажуваат флората како визуелна симфонија, но и како форма на тивка критика.
Кардула е еден од најистакнатите македонски уметници и дизајнери, чија работа е препознаена и надвор од границите на земјата. Добитник е на повеќе меѓународни признанија, а неговите дела се изложувани во САД, Италија и ширум Балканот.