По шест години никаква активност на започнатите објекти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и на Факултетот за физичко образование, во близина на Ректоратот на Скопскиот универзитет работите ќе тргнат. Министерството за образование најави дека ќе се прави стручна анализа од Градежниот факултет, по што ќе се почне со постапката за јавна набавка и ќе се избере најповолниот изведуваж на градежните работи. Изградбата на двете згради почна во 2015, а беше запрена во 2019 од кога нема никаква теренска активност.
Со меморандумот што денеска го потпишаа првите луѓе на МОН, УКИМ, Градежниот факултет и Службата за општи и заеднички работи при Владата (СОЗР), ќе бидат изготвени финални ревидирани проекти по кои ќе продолжи изградбата затоа што постојните се стари над една деценија. Се очекува на крајот на оваа или почетокот на идната година да биде објавен јавниот повик за изградба на двата објекта. Од расположивите средства во буџетот ќе зависи дали ќе се градат одеднаш или еден по еден.
Во тимот што ќе ја прави стручната анализа ќе бидат претставници-експерти од соодветни факултети и институции, од засегнатите факултети, како и од ИЗИИС, а сите ќе ги координира Градежниот факултет.