Најголемата опозициска партија, СДСМ, ќе го поддржи првиот дел од стратешкиот договор со Велика Британија што планира да го потпише актуелната Влада, но го проблематизира неговиот втор дел со задолжувањето од околу шест милијарди евра. Лидерот на оваа партија, Венко Филипче, на денешната конференција за печатот рече дека новото задолжување не само што е економски сомнително туку и политички антиевропско.
– Станува збор за два договора: еден во делот на стратешката соработка и еден за заем од Обединетото Кралство. Стратешкиот договор со Велика Британија го поддржуваме, но ваквиот начин на заем, за вакви проекти, дефинитивно ја бележи оваа Влада како антиевропска. Ваквите потези се не само економски сомнителни туку и политички антиевропски – потенцира Филипче.
Тој изрази голема загриженост за недостигот од транспарентност и информации поврзани со содржината на договорите за нов кредит од 6 милијарди евра, кој го зеде Владата.
– Јавноста, за жал, а ниту политичките субјекти, дали во Парламентот или, генерално, во земјата, немаат доволно детали за ваков сериозен договор за заем. Владата е должна веднаш да излезе со повеќе информации, бидејќи досега нашата земја не потпишала ваква рамка за олкава сума пари со ниту една институција, со ниту една влада. Се работи за огромни суми пари, камати кои не знаеме колкави се, а кои ќе ги враќаат следните генерации – нагласи лидерот на СДСМ.
Тој додаде дека износот од 6 милијарди евра е алармантен, дека го надминува државниот буџет и дека мора да се утврди потеклото на парите.
– Дали се британски парите и директно од британската Влада или станува збор за фонд што е лоциран во Велика Британија, а располага со пари од некоја друга земја? Дали знаеме колкава е каматата? Дали знае Владата, дали точно знае за што се преговара во овој период? Дали е направена споредба со некој друг извор на пари? Дали е направена споредба со Светска банка, со некои други комерцијални и инвестициски банки итн.?“ – праша Филипче.
Според него, геостратешката позиција на Македонија бара развој на два транспортни правца – Коридорот 10 (север-југ) и Коридорот 8 (исток-запад), но Владата, според него, ја игнорира балансираната стратегија. Од друга страна, за Филипче не е спорна нивната поддршка на првиот дел од договорот за стратешка соработка.
– Апсолутно го поддржуваме. Сметам дека тоа е земја, наш сериозен партнер во изминатите години, децении, секогаш, и кога сме биле во кризи, а и, генерално, во сите процеси за напредок на земјата, Велика Британија давала поддршка. Но, вистинската проевропска политика не е задолжување, туку обезбедување поволни и неповратни средства преку европските механизми. Така се работи патриотски и така се сака државата – рече тој.
На ваквите критики премиерот Христијан Мицкоски одговори дека опозициската партија води политика преку која критикува сè што прави Владата.
– Според опозицијата, сè што прави оваа влада не чини. Ова е незрело однесување кога станува збор за Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство. Колку повеќе стратешки договори и вакви партнерства имаме со големи и значајни светски фактори толку подолгорочни ќе бидат стабилноста и перспективата на Македонија како држава, но и на граѓаните. Јас гледам на овој договор како на чекор напред во таа насока. Убеден сум дека ваквиот вид пријателство и партнерство може да донесе само добри работи за граѓаните – оцени Мицкоски.
Тој додаде дека причините се и стратешки и политички.
– Во економска смисла, тоа е втората причина, веќе споменавме дека имаме рамка со која ни се ставаат на располагање околу 6 милијарди евра или околу 5 милијарди фунти. Станува збор за два вида проекти што се договорени за работа – истакна премиерот. (Б. Ѓ.)
Пак прашање за мигрантите
Лидерот на СДСМ упати прашање до Владата дали е подготвена да разговара за примање мигранти од Велика Британија, иако британскиот амбасадор го демантираше тоа.
– Го поддржуваме договорот за стратешка соработка со Британија, но по информациите во британски медиумите, упатувам прашање до Владата дали е подготвена да разговара со Велика Британија за сместување мигранти во нашата земја. На „Ебиси њуз“, непосредно по самитот, излезе таква информација – рече Филипче.
Амбасадорот Метју Лосон, на прес-конференцијата во Владата, неодамна изјави дека е предвидена само политичка соработка.
– Не се работи за тоа да се прифаќаат мигранти од Британија. Ова е широко партнерство. Има многу шпекулации во британските медиуми. Овој договор предвидува соработка во спречувањето на мигрантските групи овде и во регионот – објасни Лосон.