Нова „местенка“ во македонската фудбалска лига го тресе регионот откако беше забележано такво сценарио на првенствениот дуел меѓу Кожуф и Башкими, меч во рамките на 28. коло во Втората лига, односно две кола пред крајот на сезоната.

Кумановци славеа со 2:1 во судиското продолжение и дојдоа до победата, која им е од огромно значење во борбата за директен пласман во Првата лига. Сепак, начинот на кој го остварија тоа ја крена спортската јавност во земјава на нозе, па поради тоа со своја реакција излегоа и од Фудбалската федерација на Македонија, во која апелираа дека нема да замижат пред срамниот чин.

  • Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) со длабоко разочарување и огорченост го следеше натпреварот меѓу ФК Кожуф и ФК Башкими од Втората македонска фудбалска лига. Сцените што сите ги видовме на теренот и однесувањето на поединци претставуваат директна навреда за фудбалот, за ферплејот и за сите што со чесна намера учествуваат во спортот. Она што го видовме е срамно и неприфатливо. Ова раководство на ФФМ нема да дозволи ваквите појави да станат норма, ниту да поминат без последици. Очекуваме целосни извештаи од официјалните лица на натпреварот, по што ќе бидат преземени сите мерки во рамките на нашата надлежност. Нема да има заштитени, секој што го нарушил интегритетот на натпреварувањето со своето однесување – ќе биде соочен со одговорност. Нашата цел е јасна: фудбал без дамка, натпревари на кои резултатите се одлучуваат на терен, а не зад кулиси. ФФМ останува цврсто определена да им стави крај на нечесните практики и да го врати достоинството на македонскиот фудбал. Време е, конечно, да расчистиме со ѓубрето што со години го труе македонскиот фудбал. Во соработка со МВР и со надлежните институции, ќе преземеме сè што е потребно ваквите случаи да добијат соодветен епилог – информираа од ФФМ.

На две кола пред крајот на сезоната, Башкими е трет со 60 бода, пет повеќе од четвртопласираната Брегалница, но останува да видиме со каква казна ќе се соочи клубот од Куманово и дали воопшто ќе добие право за настап во Првата лига наредната сезона.

ИЗДВОЕНИ