ФЕЉТОН: ИЛИНДЕНСКИ СВЕДОШТВА : Од Ангел КОРОБАР (14)

    612

     

                                             КРАТКА БИОГРАФИЈА
    Роден сум во 1885 година во град Велес од стара патриотска фамилија, која зела живо учество во борба со фанариотите, а подоцна при оснивањето на Внатрешната македонска револуцнионерна организација во Велес Велешко. Во нашата фамилија доваѓале од Штип до Велес и по другите градови назад оснивателите на таа организација, а во Велес постојано живееле при нас директорот на велешките и селските училишта од околијата, директорот Велко Думев и учителите Петре Поп Арсов, Димитар Аџи Динев, В. Ачков, Дим. Битраков, Крстев.

    Како ученик во I клас горните ми возложувале задачи: пренесување на писма, разна литература, разни пакети за кои јас самиот не го знаев нивното содржание до одредени веке членови на Организацијата. Тоа ми наложи уште млад посериозно да гледам на моите постапки и дела, а читањето на револуционерна литература, која напред наведените ми ја даваа и разговорите, кои што ги водеа тие пред мене, ми дадоа полет на борбеност против турската султанска тиранија.

    Во II клас вршев истото, а бев и свидетел при грабењето на богаташкото дете од фамилијата Весови, а наложено ми беше да бидам во редица со него така што при грабењето преоблечените четници и маскирани (членови на ВМРО) познавајки ме мене, со сигурност да го хванат мојот другар од редицата. По тој случај арестуван беше и учителот Прнаров и некои членови од Организацијата. Опасност имаше да се створи аферата и да бидат многу души арестувани.

    По завршувањето на II клас отидох во Солун. Таму имав возможност да читам револуционерна литература од тогашните напредни писатели. През ваканцијата Коста Кирков, Тодор Богданов и јас решихме како ученици кога ке се вратиме во Солун, да се предадеме на четата на Гоце Делчев, за да земат пари од нашите родители во полза на Организацијата. Изненадното решение на татко ми да ме прати во училиште во Битола ја осујети таа намера, а другите двајца го оствариа тоа. Се предадоа на четата, пренесоа ги во Софија и таковците им дадоа бараните суми.

    Во Битола како ученик влегох во ученичкиот револуционерен кружок, каде влегуваа како членови: Пандо Клашев, Манол Розов, Петар Чаулев, Ефтимовци, а од помладите Арсение Јовков, Козма Георгиев, Данаил Крапчев, јас и др. кои не ги помнам.

    Поради изострениот конфликт меѓу владиката Глигорија и Организацијата, наложено беше на кружокот по одреден план да се компромитира владиката пред народот. Тоа станува и се породи бунт во гимназијата-пансион од преку 200 ученика. Народот се групира околу Организацијата, а владиката остана изолиран, но Екзархијата, зада поткрепи урнатиот престиж на владиката, уволни седум предавачи во гимназијата и 20 ученика од сите македонски училишта, а истовремено беше доставено на власта и тие лице окарактеризирани како “фесадчии” (бунтовници). Спречен да можам да продолжам своето си образование, бидејки меѓу отстранетите ученици бех и јас, и неможејќи да отидам надвор од границите, бев принуден пак да отидам во Солун и да се запишам во Француски от колеж како пансионер, но со услов после учебните занајатија да бидам слободен за излизање во градот. По таков начин можев да влезам во солунскиот ученички револуционерен кружок и да работам, а пансионот со својата екстериторијалност ме улеснуваше во работата.

    Во 1912 год. при објавувањето на војната турската власт ме арестува, а бев ослободен од српските војски.

    Во мај 1913 год. како член на принудената делегација екскортирна од војводата Бабунски заминахме во Белград со налог да го молиме Пашич Велес да стане српски. На банкетот приреден во чест на делегацијата, ги замолих лидерите-политички водачи да не дозволат нова братоубиствена војна. На тоа Бабунски ми се закани, заради кое бех принуден да најдам начин и да заминам во Австрија, бидејќи терерот во Велес беше ужасен. Од Австрија пребегнах во Бугарија, каде во началото на 1914 год. го екстернираа и семејството ми.

    1915 г. при објавувањето на војната со политички трик ги собраа сите млади македонци на тринеделно обучение, а во тоа време се објави и војната и декларираа, дека тие македонски поклови ке отидат само за гарнизон. Но се случи противното – македонските поклови беа поставени на прва линија против Франсуци и Англичани. Незадоволството беше оправдано и големо. Воено- полевите судови стрелаа безмилосно такви појави, а јас бев во Градско ранен во главата од парче граната. Враќајки се како ранет во Велес по наредбата на врховистите, лекарот констатира дека сум се самонаранил, оквалификуван како сепаратист заповеда на војници да ме арестуват и да ме предадат на воен суд. Благодарејки на големата интервенција бев ослободен веднаш, инаку ке бев застрелан со 12 македонски војници кај црквата Свети спас. (Живи сведоци за ова се Ризо Ризов и аптекарот од Велес Андреја Карпузов).

    При растурањето на фронтот 1918 година се прибрав при семејството во Бугарија, каде останахме до крајот на 1921 г. За тоа време таму зедов учество во левчарското движење на Македонците под водството на Димо Аџи Димов и др. вистински македонски патриоти како Петре Поп, Арсов, Ѓорче Петров и групата војводи од федеративната партија Сандански. Се вратив во Велес. Власта ми правеше разни шикании, заплашувања, и разни шантази по веснизите за мојата нелојалност и опасен непријател за режимот, па и затвори до 1941 година, кога дојдова бугарските окупаторски власти. Постапих како учител и на крајот на учебната 1941/42 г.се појави бунт во Велешката гимназија и власта мене ме осумњичи како иницијатор на истиот. Следствија, доношенија, па и самиот областен инеспектор Савов со разни заплашувања сакаше да извлече признание. Но бидејки тоа не беше верно, ме оставиа на мир.
    Бех потпретседател на бојците од фронтот во Велес. Гарнизониот командант сакаше од управата да ме отстранат од тој пост како неповерливо лице, но членовите ја осуетија оваа намера. Саках да си дадам сам оставката, но по нареждането на Реонскиот комитет останах на тој пост, каде донесував се за мерките кои власта ги превзимаше против младината групирана околу Комунистичката Партија.
    1942 и 1943 учебна година молкома бев отстраент од учителството, по повод да сум завршил кметски курс во Софија, а учителското место било заето од друго лице, т.е. отстранет како неблагонадежен.
    Во 1943/44 г. поново бев назначен, но таа година почнаа арестувања масови, интернирања, во кој број влегоа и синовите ми, претреси во куќата ми и на крајот бев решен да се присоединам кон партизанските одреди, каде и заминав и станах обавештаен офицер на слободната зона на Велешкото подручје. После ослободувањето повикан бев во Главниот Штаб на Македонија за помошник шеф на Обавештајната служба, каде на 1 јануари бев произведен со указ бр.1 за капетан.
    Во 1946 г. 1 јануари, бев по лично желание демобилизиран и станав службеник на Министерството на финансиите и Народната банка во Скопје.
    Одликуван сум со два ордена Заслуга за народ III степен.
    Тоа е во кратко мојата 50-годишна дејност, без да изменам никако на принципите и идеата на ВМРО, Гоце Делчевото разбирање по однос на Македонија.
    Скопје, 19 јули 1952 г.