Неодамнешните украински напади со беспилотни летала насочени кон главните руски нафтени терминали во Балтичкото Море (Уст-Луга и Приморск) ги чинеа руските извозници на енергија околу 970 милиони долари (842 милиони евра) изгубени приходи во неделата од 23 до 29 март, објави британскиот весник „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на проценки на експерти.
Приморск и Уст-Луга сочинуваат повеќе од 40 проценти од рускиот капацитет за извоз на сурова нафта по море, според британскиот весник.
„Само во Приморск, нападите уништија нафта во вредност од 200 милиони долари“, додаде „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на неименуван западен безбедносен службеник.
Нападите со беспилотни летала „ја попречуваат способноста на Русија да профитира од порастот на цените на суровата нафта поттикнати од војната на Блискиот Исток“, пишува „Фајненшл тајмс“, додавајќи дека украинските напади „ги истакнуваат слабостите во одбраната на Русија од беспилотни летала“.
Според Владимир Никитин, аналитичар за сурова нафта во „Сил АИ“, цитиран од „Фајненшл тајмс“, товарењето би можело да продолжи во рок од неколку дена, но не целосно, бидејќи изгорените резервоари би можеле да бараат месеци реконструкција без да влијаат на извозот.
Никитин додаде дека поправките на линиите за преработка на нафтениот терминал Уст-Луга на „Новатек“ би можеле да траат повеќе од еден месец, пренесе „Бета“.












