четврток, октомври 22, 2026
Дома СВЕТ Европската унија разгледува кандидати кои би можеле да разговараат со Путин: Во...

Европската унија разгледува кандидати кои би можеле да разговараат со Путин: Во игра се четири имиња

33
EPA/VYACHESLAV PROKOFYEV

Европските земји размислуваат за именување специјален претставник кој во нивно име би преговарал со рускиот претседател Владимир Путин за можен мировен договор за Украина, но сепак, европските претставници сè уште немаат постигнато договор за тоа кој би требало да ја преземе оваа одговорност, пренесува „Политико“.

Меѓу потенцијалните кандидати се споменуваат претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, шефицата на надворешната политика на ЕУ, Каја Калас, како и финскиот претседател Александар Стуб.

Според „Политико“, Стуб би можел да биде особено соодветен избор, со оглед на неговите добри односи со американскиот претседател Доналд Трамп, како и искуството на Финска во односите со Русија.

Некои европски дипломати сметаат дека Коста би бил поприфатлив соговорник за Москва отколку Фон дер Лајен или Калас, бидејќи и двете се доживуваат како цврсто проукраински настроени.

Сепак, во рамките на ЕУ постојат и несогласувања околу тоа како Европа треба да биде претставена во евентуалните преговори. Некои претставници инсистираат на тоа дека Унијата мора да учествува како целина, наместо улогата на преговарачи да ја преземат неколку од највлијателните земји-членки.

„Политико“ пренесува дека, за време на самитот во Брисел минатата недела, европските лидери го прашале Коста дали би требало да воспостави директен канал за комуникација со Путин, но тој ја отфрлил таа можност.

Од своја страна, Европската комисија наведува дека Унијата веќе е вклучена во дипломатски напори насочени кон изнаоѓање решение за војната. Портпаролката на Комисијата, Паула Пињо, изјави дека разговорите одржани во Осло – на кои присуствуваше Бјорн Зајберт, главен советник на Урсула фон дер Лајен – биле фокусирани на условите за евентуални трилатерални или пошироки преговори меѓу Украина и Русија.

ИЗДВОЕНИ