Британскиот премиер Кир Стармер најави нови вложувања во одбраната со цел да ги трансформира вооружените сили во „импресивна, интегрирана борбена машина“, како дел од владиниот преглед на одбраната.
Стармер изјави дека ќе инвестира во војска која ќе биде „поинтегрирана, поподготвена и посмртоносна од кога било“.
Во анализата, која треба да биде објавена во понеделник, владата ветува 1,5 милијарди фунти за градење на најмалку шест фабрики и ќе поддржи набавка на до 7.000 парчиња оружје со долг дострел произведено во Велика Британија, пренесе Хина.
Овој чекор претставува одговор на повикот од анализата за „континуиран“ производствен капацитет за муниција кој би можел брзо да се зголеми.
Со новото финансирање, вкупните трошоци на Велика Британија за муниција во тековниот парламентарен состав ќе достигнат шест милијарди фунти и ќе се отворат околу 1.800 работни места низ целата земја.
Стармер анализата ја оцени како „радикален нацрт“ што ќе ги зголеми вложувањата во бродоградба, технологија на беспилотни летала и сајбер одбрана.
Подготовката за предизвиците на денешницата подразбира „обединување на сите можности што ги имаме, од беспилотни летала, до артилерија, до човечки инстинкт и интелигенција, во една импресивна, интегрирана борбена машина“, напиша Стармер за весникот „Сан“.
„За да го постигнеме ова, најавуваме бран нови инвестиции во нашите вооружени сили на копно, во воздух и на море“, додаде тој.
Тој рече дека Лабуристичката партија ќе го запре „срамното исцрпување“ на вооружените сили. „Ќе инвестираме во борбена сила која ќе биде поинтегрирана, поподготвена, посмртоносна од кога било – враќајќи ја Велика Британија таму каде што припаѓа како лидер во одбраната и лидер во НАТО“, рече Стармер.