Европската комисија предложи нов седумгодишен буџет на ЕУ, најголем во историјата на Унијата

19

Европската комисија денес го предложи најголемиот долгорочен буџет за Европската Унија во нејзината историја, вреден нешто помалку од два трилиони евра, кој вклучува, меѓу другото, средства за нејзино проширување како дел од посебен фонд „Глобална Европа“.

Како што објави порталот „Еурактив“ со седиште во Брисел, предлогот за буџет ги спојува претходно одделните програми за трошење за земјоделството и регионите и е поделен на национални планови за секоја од 27-те земји-членки, создавајќи фонд вреден 400 милијарди евра за зајакнување на индустријата која сега се бори.

Предвиден е фонд „Глобална Европа“ вреден 200 милијарди евра, кој, како што е наведено, ги комбинира претходно одделните програми и обезбедува средства за шест регионални подпрограми, вклучувајќи ги иницијативите за проширување на ЕУ и надворешна политика.

Исто така, беше потврдено дека нацрт-документот ќе го вклучи претходно најавениот вонбуџетски фонд од 100 милијарди долари за долгорочна поддршка на Украина од 2028 до 2034 година.

Европската комисија изјави дека „проширувањето е инвестиција во долгорочната безбедност, мир, стабилност и просперитет на Европа“.

„Глобална Европа“, додава Европската комисија, ќе обезбеди „кохерентен пакет поддршка на земјите-кандидатки (за членство во ЕУ) за да го забрзаат нивното усогласување со европските вредности во таканареченото „acquis“ – закони, правила, стандарди, политики и практики, „преку усвојување и спроведување планови базирани на перформанси“.

Комисијата, исто така, објави дека „непоколебливата поддршка на Унијата за Украина ќе остане клучен приоритет“ во следниот повеќегодишен буџет и „ќе ги одразува пошироките геополитички цели на ЕУ“.

„Следниот долгорочен буџет на ЕУ ќе биде дизајниран да ѝ овозможи на Унијата да се справи со исклучителните и непредвидливи потреби на Украина во контекст на агресивната војна на Русија, а во исто време да обезбеди соодветна поддршка на Украина на нејзиниот пат кон пристапување кон Унијата“, се вели во соопштението.

ИЗДВОЕНИ