Европската Унија одлучи да обезбеди стотици милиони евра за јакнење на слободата на универзитетите и привлекување професори и научници од целиот свет, особено од САД, од каде што почна „одливот на мозоци“, поради гушењето на слободата на образованието и науката што ја спроведува власта во Вашингтон, пренесуваат светските агенции. Тоа на конференцијата на претставниците на европските универзитети, министерот за образование и комесарот на Европската комисија во Париз го соопштија претседателот на Франција, Емануел Макрон, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Пораката од конференцијата, под мото „Избери ја Европа за наука“, беше дека „Европа е одлучна образованието и науката да ги стави во срцето на својата економија, да стане дом на научната слобода и соработка, како и со добредојде да ги прифати талентите од целиот свет“. Видно внимание во медиумите ЕУ привлече со интервјуто на американскиот професор Џејсон Стенли, кој одлучи да го напуши познатиот универзитет „Јејл“ и да се префрли на универзитетот во Торонто, Канада, поради нарушување на слободата на образованието и науката и одлуките на власта на претседателот Трамп да ја укине државната помош за универзитетите. Клучната порака на професорот по филозофија Стенли, експерт за авторитативни режими, беше дека „училиштата, универзитетите, медиумите и правосудството се столбови на демократијата“, кои, како темели на демократијата и развиеното општество, сега се на удар во САД. На конференцијата „Избери ја Европа за наука“, Макрон соопшти дека Владата во Париз издвои 200 милиони евра за поволни услови за престој и работа на странски научници, истражувачи и професори. Шефицата на Европската комисија истакна дека ЕУ обезбеди 500 милиони евра за периодот 2025-2027 за „поддршка на најдобрите и најумните истражувачи и научници од Европа и од целиот свет“. Во обраќањето до американските научници и професори кои веќе почнаа да доаѓаат во Европа, Урсула фон дер Лајен истакна дека Унијата е одлучна да стане средиште на привлекување умови од целиот свет. „Среднорочно и долгорочно, заедно со своите држави членки, ЕУ сака да ја достигне целта од три отсто бруто-домашен производ за вложување во истражување и развој до 2030 година, рече таа.
Европската инвестициска банка планира силна финансиска инјекција во европскиот технолошки сектор и за технолошки претпријатија и за научници кои ќе одвојат 70 милијарди евра, пишува германски „Ханделблат“. Целта е да се намали заостанувањето на Европа зад САД по вложувањата во тој сектор и до 2027 година 70 милијарди ќе бидат ставени на располагање на новооснованите перспективни фирми. Цејта на ЕИБ е на тој начин да се мобилизираат и дополнителни вложувања од приватниот и јавниот сектор. Благодарение на тоа, износот од таквите инвестиции би можел да порасне на 250 милијарди евра.