Посветеноста на Чешка кон прозападна ориентација и членство во ЕУ и НАТО, како и отфрлањето на земјата од усвојување на еврото, се клучни за надворешната политика на новата влада, формирана по парламентарните избори одржани на 3 и 4 октомври, пренесе „Танјуг“.
Партиите во новата владејачка коалиција, во која се вклучени победничката АНО (Акција на незадоволни граѓани), движењето СПД (Слобода и директна демократија) и партијата „Мотористи“, денес испратија програмска изјава за владината политика до чешкиот претседател Петр Павел, објави „Радио Прага“.
„Клучниот акцент во надворешната политика е ставен на безусловната посветеност на земјата кон прозападна ориентација и членство во Европската унија и НАТО. Документот, исто така, го потврдува зачувувањето на националната валута, чешката круна“, се вели во соопштението.
Се забележува дека поевтината енергија и енергетската безбедност, прифатливото здравство, домувањето како јавен интерес, фер пензии и безбедност се главните стратешки приоритети на новоформираната влада.
Лидерите ќе го презентираат коалицискиот договор и владината програма во понеделник, еден час пред почетокот на конститутивната седница на новото свикување на Домот на пратениците.
Следниот чекор ќе биде поднесување предлог за состав на владата.
Лидерот на АНО, Андреј Бабиш, кому претседателот Петр Павел му ги довери преговорите за состав на владата, се надева дека неговиот кабинет ќе биде формиран најдоцна до средината на декември.
Според заменик-претседателот на АНО, Карел Хавличек, за време на преговорите за програмата, АНО, СПД и „Мотористи“ се согласија, меѓу другото, за цврстото закотвување на Чешка во НАТО и Европската Унија.












