Видеото на кое израелските војници малтретираат активисти на флотилата, со сесрдна поддршка од министерот Бен Гвир, го шокираше светот. Западните лидери велат дека таквото однесување е неприфатливо. Израел оттогаш почна да ги депортира активистите.
Активистите на флотилата, која требаше да донесе хуманитарна помош во Газа, беа пресретнати и донесени во Израел. А потоа јавно понижени, туркани, принудени да клекнат со рацете зад грб, сето тоа додека министерот за национална безбедност, Итамар Бен Гвир, се насмевнува, го мавта израелското знаме и вика во лице на активист: Народот на Израел ќе живее.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, рече дека е згрозен од видеото и постапките на израелската војска. Истата порака доаѓа и од Шпанија, која е еден од најголемите критичари на Израел во Европската Унија.
„Овој третман е монструозен, недостоинствен и нехуман. Барам јавно извинување од Израел. Министерот кој се појавува во овие видеа е под шпански санкции долго време и му е забранет влез во нашата земја, а многу наскоро истото ќе важи и за целата Европска Унија“, изјави Хозе Мануел Алварез, министер за надворешни работи на Шпанија.
Полскиот министер за надворешни работи побара на Бен Гвир да му се забрани влез во земјата, а Велика Британија го повика вршителот на должноста амбасадор во израелската амбасада на разговори. Американскиот амбасадор во Израел ја нарече акцијата „одвратна“.
Дури и израелскиот премиер Нетанјаху рече дека таквото однесување не е во согласност со нормите на земјата, но додаде дека Израел има целосно право да ја запре флотилата.
ככה אנחנו מקבלים את תומכי הטרור
Welcome to Israel 🇮🇱 pic.twitter.com/7Hf8cAg7fC
— איתמר בן גביר (@itamarbengvir) May 20, 2026












