Европската Унија ќе забрани да се склучуваат нови договори за руски гас до крајот на годината, а до крајот на 2027 година, пак, ќе ги укине постојните договори со Москва, кажаа три извори од Брисел. Ова е во согласност со целите што ЕУ си ги постави по почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари 2022.

Овие законски предлози ќе треба да бидат одобрени во Европскиот парламент.

ЕУ има воведено санкции за руските јаглен и поморски испораки на нафта, но не и за гасот поради противењето од Унгарија и Словачка, кои добиваат гас преку руски гасоводи. Санкциите бараат едногласна поддршка од сите 27 членки на ЕУ.

Европа сè уште добива околу 19% гас од Русија преку гасоводот „Туркстрим“ и испораки на течен природен гас. Тоа, сепак, е значително помалку од 40% како што беше пред почетокот на војната.

Европската комисија ги проценува правните опции за да им дозволи на европските компании да ги прекинат постојните договори за руски гас без да се соочат со финансиски казни. Засега не е прецизирано како Брисел мисли да го направи тоа. Адвокатите рекоа дека би им било тешко да се повикаат на „виша сила“ и дека купувачите би можеле да се соочат со казни или арбитража.

ИЗДВОЕНИ