Избувна пожар во албанското Министерство за образование на вториот ден од студентските протести против корупцијата и состојбата во образовниот систем, додека полицијата во Тирана во средата употреби солзавец и водени топови за да ја растера толпата, пренесе „Радио Слободна Европа“.
Илјадници демонстранти се собраа пред Министерството за образование. Некои од нив фрлаа тули кон зградата, ги уриваа безбедносните бариери и превртуваа контејнери за отпад.
Ова се најнасилните антикорупциски протести во Тирана откако започнаа демонстрациите во мај, што претставува сè поголем предизвик за владата на премиерот Еди Рама.
„Протестирањето е легитимно право, но не може да биде оправдување за насилство, уништување на градот или грди судири на улиците“, напиша на „Фејсбук“ заменик-премиерката Албана Коциу.
Таа ги повика демонстрантите да се оградат од насилството и вандализмот.
Организаторите наведуваат дека протестираат за подобри услови за студирање, попристапни школарини и поголеми можности за вработување.
За време на протестите, полицијата издаваше соопштенија и објави на социјалните мрежи повикувајќи ги граѓаните на воздржаност и мирен протест, барајќи од нив „веднаш и јасно да се оградат од поединци кои вршат насилство, подметнуваат пожари и напаѓаат полициски службеници“. „Полицијата инсистира ниту еден учесник да не учествува или поддржува насилни и деструктивни дејствија, ниту да дозволи собирот да се користи како параван за такви активности“, соопшти полицијата.
Ова е втор ден на протести кои ескалираа во насилство.
Претходниот ден, стотици демонстранти – собрани во главниот град речиси девет часа – фрлаа камења и пиротехнички средства кон институциите и полицијата, додека безбедносните сили употребија солзавец и водени топови.
Според здравствените власти, 27 лица побарале лекарска помош по протестите во вторникот, вклучувајќи демонстранти, полицајци, новинари, случајни минувачи и еден странски дипломат.
Полицијата приведе повеќе од 50 лица. Анти-владини протести во Тирана, 13 октомври.
Во меѓувреме, наводите на демонстрантите за прекумерна употреба на полициска сила доведоа до покренување истраги.
По објавувањето на снимка на која се гледа како полицајци приведуваат 19-годишник со повредена нога, полицијата суспендираше четворица полицајци и началникот на полициска станица во Тирана.
Младичот се здобил со скршеница на ногата, но околностите под кои настанала повредата остануваат нејасни.
Покрената е истрага, а полицијата предупреди дека ќе има одговорност за секоја злоупотреба на службената должност.
Народниот правобранител исто така покрена постапка за да утврди дали употребата на сила била пропорционална.











