Ескалација на протестите во Бугарија, граѓаните не го сакаат еврото/ВИДЕО

Околу половина од Бугарите се противат на усвојувањето на еврото, стравувајќи од инфлација

1
EPA/BORISLAV TROSHEV

Илјадници луѓе се собраа во бугарскиот главен град Софија и во неколку други градови во понеделникот за да протестираат против планот за буџетот за 2026 година, првиот што ќе биде изразен во евра.

Некои демонстранти се судрија со полицијата, која ги блокираше канцелариите на владејачките партии во Софија. Протестите против буџетот за следната година во Варна и Софија ескалираа, а демонстрантите предизвикаа тензии на улиците, пренесе Новините.

На протестот во Варна присуствуваа и навивачи, кои организаторите ги повикаа да не придонесуваат за ескалација на ситуацијата. Слични тензии беа забележани и во Софија, каде што демонстрантите стоеја пред сцената на Плоштадот на независноста со скриени лица, а некои од нив фрлаа камења, шишиња и петарди кон полицајците.

Поворката, предводена од џиновско кадифено мече, помина низ булеварот Дондуков, со ракети и ефекти на чад пред парламентот и универзитетот, објави Танјуг.

По слични протести на 28 ноември, малцинската влада на Росен Железков вети дека повторно ќе го поднесе планот за трошење за 2026 година во парламентот, со цел да се овозможи повеќе време за консултации со опозициските партии, синдикатите и работодавачите.

Парламентарната комисија го одобри буџетскиот план на прво читање на 18 ноември.

Околу половина од Бугарите се противат на усвојувањето на еврото, стравувајќи дека тоа ќе го загрози суверенитетот на земјата и дека трговците ќе го искористат преминот од националната валута, левот, за да ги зголемат цените, објави Ројтерс.

Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, овој месец предупреди дека инфлацијата може да се зголеми кога балканската земја ќе се приклучи на еврозоната.

ИЗДВОЕНИ