Во гаснењето на големиот пожар што попладнево избувна во близина на Струмица се вклучи еден ер трактор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Според директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, и градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, засега огнот не успева да ги зафати куќите и викендичките во месноста Софилар и нема непосредна опасност за нив.
Градоначалникот на Струмица, Јанков изјави дека засега нема поголеми материјални штети.
-По избувнувањето на пожарот ТППЕ Струмица навреме интервенираше и не дозволи огнот да се прошири и да зафати куќи во селото Водоча. Заради силниот ветер огнот го менуваше правецот и се прошири кон селото Баница и месноста Софилар. Во гаснењето на пожарот дејствува еден ер трактор, кој ќе има големо влијание во гаснењето на пожарот – рече Јанков, чија изјава заедно со таа на Ангелов ја пренесоа од ДЗС.
Во гаснењето на пожарот е вклучена и механизација на ЈПКД „Комуналец“ и на други компании кои работат на ископување на против пожарни пречки.
Инаку, денеска нов голем пожар избувна во близина на Струмица, во атарот на селата Баница и Водоча каде огнот дојде во близина на куќите, но нема изгорени куќи освен една помошна просторија. Една постара жена била извлечена на сила бидејќи не сакала да излезе од својата викендица.












