Цело Скопје е една голема депонија, па граѓаните им порачуваат на идните градоначалници не само да се фотографираат туку и да преземат конкретни мерки. Не само што контејнерите се прелеваат од ѓубре, што се фрлаат отпадоци секаде, но не и во канти, со отпадоци е полна и реката Вардар. Под мостот „Мајка Тереза“ од страната на Народна банка освен градежен шут, можат да се видат пластични шишиња, делови од мебел, пелени и секаков друг вид отпад. Наместо чисто и пријатно катче во самиот центар на градот во кое треба да најдеме мир и релаксација, кејот е претворен во место кое граѓаните почнаа да го избегнуваат заради непријатната миризба која се шири од ѓубрето кое е расфрлено насекаде. За жал, оваа грда слика секојдневно ја гледаат и стотици туристи

Некосена, обрасната, исушена трева, ѓубре, многу смет, е глетката која ќе ве пресретне доколку сакате да се прошетате и да рекреирате на кејот на реката Вардар, од страната на Народната  банка. Но, слична е состојбата на потегот на целиот кеј.

Не само што контејнерите се прелеваат од ѓубре, со отпадоци е полна и реката Вардар. Под мостот „Мајка Тереза“ од страната на Народна банка освен градежен шут, можат да се видат пластични шишиња и секаков друг вид на отпад. Наместо чисто и пријатно делче во самиот центар на градот во кое треба да најдеме мир и релаксација, кејот е претворен во место кое граѓаните почнаа да го избегнуваат заради непријатната миризба  која се шири од ѓубрето кое е расфрлено насекаде. За жал, оваа грда слика секојдневно ја гледаат и стотици туристи.

За незавидната состојба на кејот пак во делот кај Карпош, од говорницата вчера зборуваше и градскиот советник, Александар Трајановски  на седницата  на Советот на Град Скопје. Тој наведе дека учествувал во акција за расчистување спроведена на иницијатива на граѓани, нагласувајќи дека кејот се наоѓа во катастрофална состојба на потегот кај хотелот „Хилтон“ до мостот „Обединети нации“.

– Отпад се фрла не само на кејот туку и во реката Вардар. Водостојот на реката е доста намален, па на виделина излегува сè. Јас лично подигнав 58 вреќи од трева лично фрлени од оние што ја саделе. Таков ли личен пример ќе им даваме на граѓаните? Да не зборувам за тоа што требаше да биде мегапарк во Карпош 4. Целата флора е девастирана, а не успеав да видам ниту системи за наводнување, но и за осветлување таму. Па, затоа го избегнуваат граѓаните. Сметав дека овој парк ќе биде еден од порепрезентативните. Се надевам дека надлежните ќе се навратат на овој парк –  реагираше Трајановски.

Во акцијата што ја спомена тој, а која беше спроведена деновиве учествуваа повеќе од 150 активисти, волонтери, студенти, меѓу кои и од „О2  иницијатива“, со надеж дека ќе ја покренат свеста кај луѓето.

Невена Георгиевска од „О2 иницијатива“ вели дека првично, впечатокот бил позитивен бидејќи биле вклучени многу млади луѓе, а освен родители со мали деца учествувале и возрасни.

– Пораката на оваа акција е јасна. Да имаме чист град каде што ќе можеме да се движиме и да не гледаме ѓубре околу – вели Георгиевска.

Таа е разочарана од несовесноста  на луѓето.

– Имаше  дури и фрлени полни пелени. Фирмата што ја садела тревата ги фрлила кесите од неа во Вардар. За тоа треба да одговара таа фирма. Потребни се казни, а фирмата треба да се натера дополнително од фрлениот смет да го исчисти кејот – реагира Георгиевска.    

Додава дека МВР треба да работи повеќе, и останатите надлежни институциите да бидат поактивни.

Според Законот за  јавна чистота се предвидени казни за  несоодветно фрлање смет децидна е Ѓорѓиева и додава дека кога свеста на граѓаните не се буди, за тоа постојат казни.

– Ако чекаме само свеста да се разбуди ќе ни треба уште еден век – смета Георгиевска.

Инаку, во член 14 од овој Закон е пропишано дека заради обезбедување на јавна чистота на јавните површини е забрането:  фрлање и оставање отпадоци од градежен материјал (градежен шут), фрлање и оставање хартија, догорчиња, мастики, амбалажи, земја, отпадоци од растенија, песок и други отпадоци освен на местата определени за таа намена, оставање стари предмети од домаќинство и смет од вршење дејности покрај садовите за собирање смет, освен на места определени од општината, палење, закопување и уништување на смет, оставање фекални остатоци од домашни миленици и мртви животни, живина и птици во садови за отпад, колење кокошки и друга живина и животни, испуштање отпадни води и други течности од дворните места и објекти, истурање или испуштање течности во садови за отпад, на улици, во канали, реки и езера, миење возила и камп-приколки и разни предмети од домаќинства и од вршење дејности, сечење, складирање, цепење дрва, јаглен и слично, паркирање возила на растојание до десет метри од контејнер и други садови за собирање смет и оставање товарни возила освен на места определени за таа намена, оставање запрежни коли, трактори, земјоделски машини и алатки, чување и напасување на крупен добиток и живина, продажба и излагање на земјоделски и индустриски производи, превоз на песок, земја, цемент, глина, земјоделско ѓубре, сено, отпад или слични материјали без претходна подготовка и поклопување на материјалите со поклопец, поправање, сервисирање возила и вршење разни занаетчиски работи, оставање на нерегистрирани, хаварисани возила, приколки и камп-приколки, мешање бетон, малтер, освен на места што ќе ги определи општината, растурање на сметот од вреќи, контејнери и други видови садови за собирање смет, фрлање, односно оставање смет до контејнер и други видови садови за собирање смет, фрлање смет од кој било кат од станбена зграда или куќа, во двор, поставување контејнери и други видови садови за собирање смет надвор од определени места за нивно поставување, согласно со нивната намена, палење и уништување на садовите за собирање смет, уништување на урбаната и друга опрема (клупи, фонтани, билборди, опрема на детски игралишта), плукање или секнење нос на јавни површини, лепење на плакати на кое било јавно место и вршење физиолошки потреби.

Глоба во износ од 50 евра во денарска потиввредност во мандатна постапка согласно со одредбите од овој закон ќе му се изрече на физичко лице ако постапува спротивно на одредбите од членот 14 на овој закон. Глоба во износ од 3.000 до 4.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на правното лице кое постапува спротивно на одредбите од членот 14 алинеја 1 на овој закон. Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност за прекршок од ставот 1 на овој член ќе му се изрече и на одговорното лице во правното лице. Глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на правното лице кое постапува спротивно на одредбите од член 14 алинеи 2 до 20 на овој закон. Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност за прекршок од ставот 3 на овој член ќе му се изрече и на одговорното лице во правното лице.

Граѓаните им порачуваат на идните градоначалници не само да се фотографираат туку и да преземат конкретни мерки, бидејќи Скопје е веќе затрупано од смет. 

(А.П.)

ИЗДВОЕНИ