понеделник, август 31, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Екологистите бараат независна проверка на последиците од градежните работи

Екологистите бараат независна проверка на последиците од градежните работи

1

Изградбата на автопатот Кичево – Охрид повторно отвора сериозни прашања за влијанието врз животната средина. Екоактивистите предупредуваат дека градежните работи во изворишниот дел на реката Треска придонесуваат за намалување на водостојот и оштетување на подземните извори и притоки што ја напојуваат реката.

Најновото предупредување доаѓа од кичевскиот екоактивист, Миле Алексоски, кој посочува дека од Крушина до Ботун се оштетени повеќе извори што се влеваат во Треска. Според него, интензивните ископи, изградбата на мостови и пробивањето тунели оставиле сериозни последици врз водните ресурси во овој регион.

Особено загрижувачка, според Алексоски, е состојбата со главниот извор на реката Треска во селото Извор. Тој наведува дека изворот во минатото обезбедувал меѓу 600 и 1.000 литри вода во секунда, а во одредени периоди и значително повеќе, додека денес неговиот проток постепено се намалува.

Алексоски, кој со години јавно предупредува на проблемите со реката Треска и нејзините притоки, оценува дека состојбата претставува сериозна закана за природата и биодиверзитетот во Кичевскиот Регион. Тој бара државата итно да формира стручна работна група која би ја утврдила фактичката состојба на терен, би ја проценила евентуалната штета и би предложила мерки за санација и враќање на водните ресурси.

Дека изворишниот дел на Треска е чувствителна природна целина е нотирано и во официјалната документација за оценка на влијанието врз животната средина за автопатот. Во студијата се наведува дека изворот на Треска се наоѓа во непосредна близина на трасата на автопатот, а во сливот на реката се регистрирани бројни шумски и тревни заедници.

Министерот за транспорт и врски Александар Николоски уверува дека при реализацијата на проектот се почитуваат еколошките стандарди. Тој неодамна изјави дека клучката во близина на реката Треска е изградена според сите еколошки стандарди и дека за заштита на просторот биле изградени и посебни резервоари за вода.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ