Триесет и две нафтени компании се одговорни за половина од глобалните емисии на јаглерод диоксид (ЦО2), покажува извештајот на непрофитната организација „Инфлуенс мап“. Државно контролираниот саудиски „Арамко“ беше прогласен за најголем загадувач со 1,7 милијарди тони ЦО2 – ако беше земја, „Арамко“ ќе се најдеше веднаш зад Русија на листата на најголеми загадувачи. „Ексон мобил“, најголемиот приватен производител на фосилни горива, произведе 610 милиони тони ЦО2, повеќе од Јужна Кореја.
Европската комисија реагираше со воведување карбон данок за компаниите што извезуваат во ЕУ, како дел од планот за намалување на климатската штета и за поттикнување на транзицијата кон зелена енергија. Меѓутоа, експертите предупредуваат дека мерката е само делумна и дека ризикот е да се одложи суштинската одговорност на најголемите емитери.
– Карбон данокот е добар почеток, но не е доволен за да ги натера гигантите како „Арамко“ и „Ексон мобил“ да го променат моделот на производство. Тие компании не само што ја зголемуваат концентрацијата на ЦО2 туку и активно се противат на климатските политики – вели д-р Елена Марков, климатски аналитичар од Универзитетот во Оксфорд.
Според базата „Carbon Majors“, државните производители на фосилни горива сочинуваат 17 од 20. најголеми глобални загадувачи. Тие земји, вклучувајќи ја Саудиска Арабија, Русија, Кина и Индија, се спротивставија на предлогот за постепено укинување на фосилните горива на самитот КОП 30, додека повеќе од 80 други држави го поддржаа.
– Овој конфликт покажува дека климатската криза не е само технички или економски предизвик туку и геополитичко прашање. Компаниите и државите што профитираат од фосилните горива го ставаат краткорочниот интерес пред иднината на планетата – додава Марков.
Критичарите, исто така, предупредуваат дека големите нафтени компании ги „саботираат климатските акции“ и дека нивните политики се „на погрешната страна од историјата“. Според експертите, додека е чекор напред, карбон данокот на ЕУ ќе има ограничен ефект ако продолжат да инвестираат глобалните гиганти во екстракцијата на нафта и на гас без темелни промени во деловната стратегија.
– Без глобална координација и стриктно регулирање, локалните мерки како карбон данокот ќе бидат само капка во морето. Потребен е системски притисок врз компаниите, кои се најголеми загадувачи – заклучува Марков.
Експертите апелираат дека Европа треба да ги засили санкциите, да воведе строги стандарди за известување на емисиите и да ги промовира зелените технологии како алтернатива, со цел да се избегне климатска стагнација и да се притиснат најголемите емитери на ЦО2 да преземат одговорност.
(С. Бл.)












