Македонскиот ракометен суперлигаш, ГРК Охрид, ќе игра во полуфиналето на Европскиот куп на ЕХФ! „Гладијаторите“ го добија пред својата публика и реваншот против грчкиот Олимпијакос – 25:24, доволен за место во следната фаза, бидејќи славеа со пет гола разлика и на првиот меч, на гостувањето во Грција. Во полуфиналето на ЕХФ-купот, ГРК Охрид ќе ги одмери силите со словенечката екипа Целје.
Избраниците на тренерот Борис Ројевиќ во ниту еден момент не дозволија мечот да донесе доза неизвесност. Беа подобар ривал од грчкиот противник, а голема помош им беа полните трибини и константната поддршка од навивачите. Уште од почеток Охрид ги имаше работите во свои раце и водеше константно до крајот на мечот. Прво беше 6:4, потоа и 9:7, а во еден момент од мечот, Охрид имаше и четири гола позитива (14:10). До паузата, Олимпијакос ја преполови негативата на 14:12, а во вториот дел двата тима беа близу резултатски, но охриѓани не дозволија ниту еднаш доза на неизвесност на свој терен, кога се зборува за вкупниот резултат. Домаќинот дојде до победата во самиот финиш.
- Навистина очекував вакво нешто. Ние, како тим, знаевме дека нè очекува тежок натпревар. Ако отидевме во четвртокот да играме против Вардар, сигурен сум дека немаше да се пласираме во следната рунда. Момците се веќе на крајот од силите, нè стигнаа повредите, имаме мал ростер и добро е што на крајот го смиривме натпреварот. На крајот остваривме уште една победа, што, за мене, многу е важно. Не е исто да прославувате пласман во следната рунда со победа и со пораз – кажа Ројевиќ.
Анте Иванковиќ беше лидер кај стрелците со осум гола, го следеше Томи Јагуриновски со четири гола, додека Вуко Борозан и Дарко Ѓукиќ имаа по три гола. Голманот Кристијан Пилиповиќ забележа 10 одбрани. Кај Олимпијакос, Савас Савас имаше пет гола.











