Најемотивниот дел од големиот музички настан се случи на крајот од концертот. Песната „Едно име имаме“ одекна од грлата на Карерас и на македонските музички ѕвезди, кои заедно ја исполнија нумерата што ги обедини публиката и изведувачите во една заедничка енергија, создавајќи незаборавна атмосфера што ќе се памети. Ова не беше само концерт туку и вечер во која Македонија ја славеше сопствената приказна

 

Плоштадот „Македонија“ завчеравечер беше грандиозна музичка сцена, а Скопје – град на емоции, гордост и на незаборавни рефрени. Светската оперска величина, Хосе Карерас, и познатите македонски музички имиња – македонските музички ѕвезди ја крунисаа прославата за 35 години независност со музички настан што го проследија голем број граѓани и гости. Под отворено небо, во срцето на главниот град на нашата држава, изведувачите и Македонската филхармонија, преку музиката, ја раскажаа приказната за три и пол децении независна Македонија, исполнета со предизвици, победи, надежи и со соништа.

Тричасовниот концерт почна со македонските фолк и поп-ѕвезди Миле Кузмановски, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Маја Оџаклиевска, Каролина Гочева, Калиопи, Влатко Стефановски, како и оперските пејачи Ана и Игор Дурловски и Дешира Амети-Крлиу.

Македонските музички ѕвезди внесоа посебна емоција. Под диригентската палка на Сашо Татарчевски, тие нè потсетија на песните со кои живееја генерации македонски слушатели. Од првите тонови, публиката пееше заедно со изведувачите, аплаудираше и ја споделуваше атмосферата на заедничката прослава. Одекнаа добропознатите „Не кани ме“, „Налеј“, „Земјо македонска“, „Жал за Деспина“, Море сокол пие“… Ги слушнавме и „Џипси сонг“, „Македонско девојче“…

– Нека ни е честит Денот на независноста на нашата најсакана и единствена Македонија, да ја сакаме и да ја чуваме, бидејќи само со љубов, ова парче земја може да биде рај – од нас зависи – порача Каролина Гочева, која ја испеа пред присутните песната „Од нас зависи“.

Се пееше и „Обои ме“, „Месечина“, а Калиопи ја отпеа и песната на Гоце Николовски „Бисер балкански“, порачувајќи „да бидеме подобри луѓе за оваа наша прекрасна грутка земја“.

Слушнавме две преубави народни македонски песни и од нашите оперски пејачи Ана и Игор Дурловски – „Назад, Калино моме“ и „Излегу да се прошетам“.

Атмосферата достигна кулминација кога се појави на сцената легендарниот тенор, чиј глас со децении ги освојува најголемите светски сцени. Тој пред скопската публика, заедно со Филхармонијата под диригентската палка на Давид Хименес, приреди настап за паметење, кој беше проследен со бурни аплаузи и овации. Моќниот вокал, раскошната интерпретација и препознатливата елеганција на големиот мајстор ја претворија вечерта во вистински музички спектакл. Со него настапија и Каролина Гочева и Калиопи, а заедно ги испеаја светски познатите композиции „Night and day“ и „Moon river“.

По двата биса, кои ги побара публиката од Карерас и по изведба на нумерите „O sole mio“ и „My way“, се случи и најемотивниот дел од големиот музички настан. Песната „Едно име имаме“ одекна од грлата на Карерас и на македонските музички ѕвезди, кои заедно ја исполнија нумерата што ги обедини публиката и изведувачите во една заедничка енергија, создавајќи незаборавна атмосфера што ќе се памети.

Ова не беше само концерт туку и вечер во која Македонија ја славеше сопствената приказна. (Д. Т.)

 

Фото: П. Стојановски

ИЗДВОЕНИ