Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе обвинителен предлог против 46-годишен маж за кривично дело напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста, по што Основниот суд во Кавадарци го прогласи за виновен, откако тој го призна делото, и му изрече казна затвор од една година.
Како што информира Обвинителството, инцидентот се случил на 21 декември по полноќ, кога обвинетиот, управувајќи патничко возило „Фолксваген“, не запрел на даден знак од полициски службеници. Откако на една од крстосниците во Кавадарци бил опколен од две полициски возила со цел да биде запрен, тој се обидел со автомобилот да прегази полициски службеник.
Полицаецот излегол од службеното возило за да изврши легитимирање, но во тој момент обвинетиот се залетал кон него со голема брзина, удирајќи го во пределот на стомакот и левата нога. По ударот, обвинетиот удрил и во службеното полициско возило и продолжил да вози. Од нападот, полицискиот службеник се здобил со повеќе телесни повреди.
Обвинетиот бил лишен од слобода на 25 декември, а веќе следниот ден бил изведен пред суд, каде го признал кривичното дело. Судот, покрај затворската казна, одлучил обвинетиот до правосилност на пресудата да биде обезбеден со мерка притвор, поради опасност од бегство и можност за повторување на делото.












