Програмата е дел од поширока стратегија за намалување на бројот на автомобили и промена на навиките во секојдневното патување.
Владата на Малта започна необична мерка за намалување на сообраќајните метежи и охрабрување на граѓаните повеќе да користат јавен превоз. На возачите им се нудат дури 25.000 евра ако се откажат од возачката дозвола на пет години.
Програмата ја претстави министерот за транспорт Крис Бонет како дел од поширока стратегија за намалување на бројот на автомобили на островот и промена на навиките за секојдневно патување. Учесниците во програмата добиваат вкупно 25.000 евра, или 5.000 евра годишно, но мора да исполнуваат одредени услови:
Да живееле во Малта најмалку седум години, да имаат возачка дозвола од категорија Б најмалку 12 месеци
Програмата ги исклучува возачите чија дозвола е суспендирана, оние кои имаат дозволи издадени надвор од Европската Унија, како и лицата кои треба да возат за работа.
Мерката се однесува само на сопственици на патнички автомобили, додека мотоциклите, комбињата и сличните возила се ослободени, пишува „Јутарњи лист“.
Пет години, на учесниците им е забрането да возат – не само во Малта, туку и во странство. Доколку бидат фатени зад воланот, ќе мора да платат казна од 5.000 евра и да вратат дел од добиената субвенција. По пет години, возачите ќе мора повторно да аплицираат за возачка дозвола и да завршат курс за возење од најмалку 15 часа.
И покрај строгите правила, постои интерес – од почетокот на годината, повеќе од 100 млади луѓе веќе ја предадоа својата возачка дозвола за учество во оваа програма. Апликациите се отворени до 30 јуни.












