Изведувачот на автопатот кон Косово ќе се знае до крајот на септември, а ЕБОР, која ја финансира изградбата, даде фиксен рок од 2,5 години да биде целосно изграден. Покрај оваа делница која ја следат енормни доцнења, друг пример на неажурност е и автопатот Кичево – Охрид. Овој проект започна во 2014 година со планиран рок за завршување во 2018, но рокот беше пробиван неколкупати, за да новото раководство на Министерството за транспорт и Јавното претпријатие за државни патишта постават нов краен рок – 2026 година. Овој месец беа пуштени 20 километри на потегот од Врбјани до Ботун, а според најавите од Владата, делницата од Климештани до Охрид се очекува да биде комплетно пуштена за сообраќај до крајот на летото.
Европската банка за обнова и развој која ја финансира изградбата на автопатот Скопје – Блаце, даде фиксен рок – до септември да се избере изведувачот, а во рок од 2,5 години да биде целосно изграден. Проектот започна во 2014 година со големи амбиции од тогашните власти кои најавија дека токму овој пат ќе биде еден од приоритетите за инфраструктурниот развој на државата. Но, по повеќе од 10 години подоцна, на терен гледаме дека од вкупно предвидените 12,5 километри се завршени само два, а допрва ќе треба да се завршат останатите 10,5 километри. Иако изминатава деценија со секоја промена на власта се споменуваа неколку датуми за негово пуштање во употреба – последниот ваков датум беше март 2024 година.
Двата километра од граничниот премин „Блаце“ до истоименото село се пуштени во функција. Скопски „Гранит“ ги заврши работите по четири години, но со поголеми трошоци. Првичната сума беше 14 милиони евра, но, на крај, заврши двојно поскапо – 28 милиони евра. Попроблематична е втората делница – од клучката кај спортскиот аеродром „Стенковец“ до селото Блаце. Тендерот за изведувач беше распишан точно пред две години. Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, вели дека изминативе 9 месеци поминале во интензивни разговори со ЕБОР и најави дека се очекува да пристигнат финансиските понуди.
– На Блаце работиме со ЕБОР. За македонски услови тие работат бавно, за нормални развиени држави работат нормално бидејќи таму не можат да се случат изненадувања како тука, затоа што таму подготвителниот период е долг, ама кога ќе се влезе, нема назад. Кај нив тендерите се поделени. Прво прават квалификација дали понудувачите ги исполнуваат потребните услови и само тие што ги исполнуваат техничките услови можат да дадат финансиска понуда. Во нашиот случај за јавни набавки се случува ултранеквалитетна фирма да даде ниска цена, и откако ќе биде одбиена бидејќи е неквалитетна, се случува да излезат во јавност и да кажат дека се одбиени, а понудиле најниска цена. Со ЕБОР нема вакви работи, прво кажуваат дали технички ги исполнувате условите, се прави селекција и тие фирми што ги исполнуваат условите се поканети да дадат финансиска понуда – нагласува Николоски.
За овој проект ЕБОР обезбедува 167 милиони евра и грант од 20,8 милиони евра од Инвестициската рамка за Западен Балкан. Според одредени најави, вкупните трошоци би можеле да бидат до 250 милиони евра, што го прават еден од најскапите автопати (18 милиони евра за километар).
На 29 мај 2019 година се отвори автопатот „Арбен Џафери“ од косовската страна, кој нашите соседи го изградија само за пет години. На свечениот настан присуствуваше тогашниот македонски премиер Зоран Заев, кој тогаш изјави дека отворањето на косовскиот автопат дава поголем мотив да се забрза постапката околу изградбата и на автопатот од македонска страна. На 29 јули 2019 година, беше објавен тендерот за изградба на првата фаза од автопатот Скопје – Блаце. Но, ЈП за државни патишта го поништи овој тендер за избор на изведувач бидејќи била поднесена само една понуда и таа била прескапа, го надминувала буџетот предвиден за изградба на делницата. Следуваше втор тендер на кој се пријавиле три изведувачи, од кои на почетокот на 2020 година беше избран „Гранит“, како најповолен понудувач за изведбата на првите два километра од автопатот Скопје – Блаце. Кога започна „ковид 19“-пандемијата, изградбата на автопатот беше во мирување, но во меѓувреме се вршеше експропријација на земјиштето каде што поминува трасата. Потоа, беше најавено дека завршувањето на првата делница ќе биде летото 2021 година, но тоа не се случи.
Точно пред две години ЈП за Државни патишта го објави тендерот за изработка на втората делница од автопатот долга 10,5 километри, во износ од 186,7 милиони евра. Постапката се развлече и на крајот на јануари минатата година требаше да се избере изведувачот, но на барање на апликантите, крајниот рок беше одложуван неколкупати.
Министерот Николоски лани објави документи во кои, како што рече, се потврдува дека проектот намерно се одолговлекувал и се спроведувал на овој начин, сè со цел една фирма да го добие тендерот за изградба на тунелите. Тој ги објави и фирмите што ги купувале плацовите од физички лица каде требало да поминува трасата на автопатот, притоа плацовите биле препродавани неколкупати.
Покрај оваа делница која ја следат енормни доцнења, друг пример на неажурност е и автопатот Кичево – Охрид. Овој проект започна во 2014 година со планиран рок за завршување во 2018, но рокот беше пробиван неколкупати, за да новото раководство на Министерството за транспорт и Јавното претпријатие за државни патишта постават нов краен рок – 2026 година. И за овој автопат причините за доцнењето се многубројни – од недостатоци во првичниот проект, до доцна експропријација, но и поради појави на свлечишта на самата траса. Овој месец беа пуштени 20 километри на потегот од Врбјани до Ботун, а според најавите од Владата, делницата од Климештани до Охрид се очекува да биде комплетно пуштена за сообраќај до крајот на летото.
(С.Бл.)