Фото: Е.Пелистер

Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер, триумфираше против вечниот ривал Вардар со 28:27 и го освои трофејот во Суперкупот на Македонија. Ракометниот спектакл почна со доцнење, но веднаш понуди возбудлива игра на теренот каде што Пелистер постојано имаше предност сè до 14. минута, по што Вардар влезе во одлична серија и стигна до 10:6.

„Црвено-црните“ ја чуваа предноста од три гола до последната минута од првото полувреме, кога следеше пад на концентрација и блесок на битолчани кои ја намалија негативата на еден гол (12:13). Пелистер подобро го почна второто полувреме и поведе со 15:14, по што се играше гол за гол сè до последните 10 минути кога битолчани создадоа предност од четири гола. Тренерот на Вардар, Иван Чупиќ побара тајм-аут и ги разбуди вардарци кои израмнија на 26:26. Драмата траеше до последните секунди, кога Хосни успеа да се пробие низ одбраната на Вардар и да постигне гол за триумф од 28:27.

„Среќен сум што успеав да се вратам и да бидам дел од овој важен натпревар. Суперкупот е дуел кој доликува на двете најдобри македонски екипи. Имав вирус на турнирот во Охрид, но најважно беше сите играчи да се вклопиме и да настапиме како тим. Мислам дека покажавме големо заедништво, а тоа е клучот за нашиот успех. Старите играчи кои останаа ни даваат стабилност, а заедно со новите сили верувам дека во моментов сме подобри од претходно. Вардар е секогаш тежок противник, но покажавме дека можеме да играме на највисоко ниво. Нашите навивачи се секогаш со нас. Нивната поддршка е неизмерна и многу значи за тимот. Благодарност за сè што прават за нас, изјави по мечот капитенот на Еурофарм Пелистер, Филип Кузмановски.

Најефикасен ракометар беше Хосни со осум голови за Пелистер, додека Кавада запиша шест погодоци за Вардар. Со оваа победа, Еурофарм Пелистер ја започна сезоната со трофеј и покажа дека и оваа година има амбиции за високи дострели на сите фронтови.

ИЗДВОЕНИ