петок, февруари 6, 2026
Дома БАЛКАН Две години по исчезнувањето на малата Данка од Бор, се очекува да...

Две години по исчезнувањето на малата Данка од Бор, се очекува да почне судењето на осомничените за нејзино убиство

160

Речиси цели две години по исчезнувањето на двегодишната Данка Илиќ од Бор, се очекува да почне судењето на двајцата осомничени за нејзино убиство.

Откако две обвиненија беа вратени на доработка, ново, трето по ред, поднесе Вишото јавно обвинителство во Зајечар до Вишиот суд во Неготин. Ова обвинение, кое се темели на нови истраги, според извори на српските медиуми е различно од претходните две, а исто е тоа што за обвинетите за убиството на малата Данка, Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ, се бара доживотна казна затвор. Ова обвинение го опфаќа и таткото на Дејан Драгијевиќ, Радослав, кој се товари за непријавување кривично дело.

Миодраг Цановиќ, главен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Зајечар, за „Курир“ потврди дека обвинението е поднесено и испратено до судот.

– Денес го поднесовме обвинението до Вишиот суд во Неготин. Како и со претходните две, очекуваме дека ќе биде целосно законски прифатено. Ова обвинение се разликува по тоа што го содржи она што не го содржеа првите две. Сега се внесени доказите од записниците за реконструкцијата и додадени се вештачењата врз основа на законот, кои ги направија експерти и од Белград и од Нови Сад. Во суштината, обвинението остана исто, нема апсолутно никакви нови и различни моменти, освен ова проширување, кое нема ништо различно во споредба со претходните обвиненија – рече Цановиќ.

Новото обвинение ќе им биде доставено и на адвокатите на обвинетите, кои ќе имаат право на жалба.

За потсетување, Обвинителството ги товари Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ дека на 26 март 2024 година, во Банско поле кај Бор, со службено возило „фиат панда“ ја удриле Данка Илиќ, која излегла сама на патот. Потоа ја ставиле во автомобилот, ја задавиле и ја фрлиле на блиската депонија. Телото на девојчето никогаш не е пронајдено, поради што се верува дека е преместено на непозната локација.

Реконструкцијата на настанот, која е дел од новото обвинение, беше направена во јуни минатата година, во Бањско поле.

– Обвинетите беа изведени од притвор, а присутен беше и Радослав Драгиевиќ, кој се брани од слобода. Присутна беше и мајката на Данка, Ивана, која е еден од клучните сведоци во овој случај – потсетува изворот на „Курир“.

 

ИЗДВОЕНИ