петок, јули 17, 2026
Дома СВЕТ Државен фонд за вештачка интелигенција – удар врз милијардерите, кои стануваат уште...

Државен фонд за вештачка интелигенција – удар врз милијардерите, кои стануваат уште побогати: Американските работници бараат половина од профитот на компаниите за ВИ да оди за народот

33

Националната анкета на 1.690 возрасни лица од истражувачката фирма „Верасајт“, спроведена во јуни годинава, а објавена овој месец, сугерира дека 69 проценти од Американците сега поддржуваат компаниите за ВИ да бидат принудени да префрлат половина од своите акции во јавен фонд. Сенаторот Берни Сандерс предложи закон за државен фонд за ВИ, оценувајќи дека така би се гарантирало дека економската корист што ја создава ВИ би се користела за подобрување на животот на сите, а не само да ги прави најбогатите луѓе во светот уште побогати. Тој смета дека за иднината на ВИ и за судбината на човештвото не смеат да одлучуваат, зад затворени врати, милијардерите во Силициумската Долина 

Зголемениот број отпуштања во технолошкиот сектор, и покрај растот на вкупните корпоративни профити, предизвика незадоволство кај работниците во САД. Тие бараат да не се таложи богатството само кај челниците на компаниите за ВИ, кои и онака се најбогатите луѓе во светот, туку половина од заработката да оди во државен фонд, преку кој средствата ќе се користат за јавно добро.

Истражувањата покажуваат дека мнозинството работници во САД сакаат да се повикаат корпорациите на поголема одговорност преку формирање државен фонд за вештачка интелигенција (ВИ). Националната анкета на 1.690 возрасни лица од истражувачката фирма „Верасајт“, спроведена во јуни годинава, а објавена овој месец, сугерира дека 69 проценти од Американците сега поддржуваат компаниите за ВИ да бидат „принудени“ да префрлат 50 отсто од своите акции во јавен фонд.

– Во очите на јавноста, државните ВИ-фондови се гледаат како средство за прераспределба на добивката од индустријата за вештачка интелигенција назад кон пошироката заедница – рече Бенџамин Леф, извршен директор на „Верасајт“.

Во јуни, сенаторот Берни Сандерс предложи закон за американски државен ВИ-фонд, кој, доколку биде усвоен, би ѝ дал на јавноста 50 проценти удел во најголемите компании за ВИ во САД.

– Тоа би гарантирало дека економската корист што ја создава ВИ би се користела за подобрување на животот на сите нас, а не само да ги направи најбогатите луѓе во светот уште побогати. За иднината на вештачката интелигенција и за судбината на човештвото не смеат да одлучуваат, зад затворени врати, милијардерите во Силициумската Долина, кои сакаат да ги максимизираат својата моќ и профит – рече Сандерс.

Зголемениот број отпуштања во американскиот технолошки сектор остави многу работници фрустрирани и загрижени за безбедноста на работното место, бидејќи корпорациите продолжуваат да ги зголемуваат капиталните трошоци за проширување на вештачката интелигенција. Постариот глобален економист на компанијата „Голдман Сакс“, Џозеф Бригс, проценува дека повеќе од девет проценти од работната сила или околу 15 милиони работници би можеле да останат без работа во текот на 10-годишниот транзициски период до воведувањето на вештачката интелигенција, се вели во извештајот објавен минатиот месец, од банката. Според него, тоа „би бил типот на шокот од автоматизацијата и прераспределбата што го видовме кон крајот на 1990-тите и почетокот на 2000-тите, како и во други периоди на значајни технолошки промени“. Сепак, тој верува дека ќе се покажат овие загуби како привремени, поради очекувањето дека вештачката интелигенција ќе создаде многу нови работни места на долг рок, дури и додека ги уништува постојните.

Државните фондови би можеле да играат повеќекратни улоги кога станува збор за вештачката интелигенција. Тие може да го водат развојот на вештачката интелигенција на национално ниво, со финансирање капитално интензивна ВИ- инфраструктура, преземање удели во компаниите за ВИ и да обезбедуваат дел од економските добивки генерирани од ВИ за јавниот буџет, според истражувачката фирма „Виндфол траст“. Меѓутоа, државните фондови, исто така, би можеле да се соочат со предизвици во балансирањето на јавното добро и глобалната трка за градење капацитети за вештачка интелигенција.

– Исто така, постои тензија помеѓу финансискиот мандат (максимизирање на приносите за граѓаните) и стратешкиот мандат (градење национален капацитет за ВИ, одржување на влијанието врз напредните системи), зашто овие цели може да бидат во конфликт кога најдобра финансиска инвестиција е странска компанија за вештачка интелигенција, а не домашна – додаваат од „Виндфал траст“.

Сатја Надела: Плаќате за да ве крадат, ВИ зема двапати

Извршниот директор на „Мајкрософт“, Сатја Надела,  истакнува дека корисниците на големите модели на вештачка интелигенција, како оние на „Опен АИ“ и „Антропик“, може ненамерно им да дадат вредни информации за својот бизнис на производителите на тие модели.

Овие информации често содржат специфично деловно знаење што конкурентите никогаш не би можеле да го купат на пазарот. Надела ја критикува практиката креаторите на модели со ВИ да го задржуваат правото да учат од податоците што ги добиваат од корисниците на нивните услуги. Тој вели дека компаниите мора да ја одржат контролата врз своите податоци и не смеат да бидат врзани за еден продавач на технологија за вештачка интелигенција.

ИЗДВОЕНИ