Ревизорите укажуваат дека нестабилната кадровска структура во СОЗР, со голем број вработени на определено време и преку приватни агенции, ја загрозува ефикасноста и континуитетот на работата. Ова создава ризици во финансиското управување, евиденцијата на имот и јавните набавки, вклучително и набавката на скапи службени возила. Недостигот од стручност и континуирани обуки дополнително ја продлабочува нестабилноста. Според ревизорскиот извештај, итно е потребно уредување на процедурите, зголемување на транспарентноста и стабилизирање на човечките ресурси за да се обезбеди рационално трошење на јавните средства.

Државниот завод за ревизија откри сериозни слабости во набавката на службени возила. Според ревизорите, СОЗР продолжува да обезбедува возила од висока класа по пат на лизинг за повеќе институции, но без јасни процедури и упатства за планирање на реалната потреба.

– Не се обезбедени информации од институциите дали во меѓувреме се сменила потребата за возило по пат на лизинг, ниту постои практика за детална анализа на економската оправданост – се забележува во ревизорскиот извештај и се укажува дека треба да се направи целосна анализа на трошоците и бенефитите, како и да се воведе конкуренција меѓу понудувачите при подготовката на техничката спецификација, бидејќи во последните три јавни набавки учествувал само еден понудувач.

Во моментов, преку договорите за лизинг се обезбедуваат 45 службени возила, за кои секоја година се одлеваат големи суми од државниот буџет. Ревизорскиот извештај јасно укажува дека неопходно е уредување на постапките и зголемување на транспарентноста за да се обезбеди ефикасна и оправдана потрошувачка на јавните средства.

Ревизорите како слабост ја наведуваат практиката за ангажирање на лица преку приватни агенции за вработување, договорите на определено време и договорите на дело, кои како што велат, директно влијаат врз континуитетот, институционалната меморија и квалитетот на услугите што ги обезбедува СОЗР. Оваа практика, која во ревизорскиот извештај е препознаена како сериозен системски ризик, не е изолиран кадровски проблем, туку фактор што се прелева врз финансиското управување, законитоста во работењето и точноста на финансиските извештаи за државните органи кои се корисници на услугите на СОЗР.

Според ревизорските наоди, во СОЗР работат вкупно 324 лица, од кои само 78 % се вработени на неопределено време. Другиот дел (22 %) се ангажирани преку приватни агенции, на определено време или како привремено ангажирани лица. Особено загрижувачки е фактот што најголем дел од вработените на определено време се концентрирани токму во секторите со најголема одговорност: финансиско-сметководственото работење и нормативно-правните и архивските работи. Оваа структура создава нестабилност во клучните процеси кои бараат високо ниво на стручност, континуитет и познавање на законската рамка.

Дополнителен проблем е тоа што значителен дел од раководните задачи ги извршуваат лица кои формално не се распоредени на раководни работни места, туку работат врз основа на овластувања, паралелно со нивните основни работни задачи. Оваа практика укажува на функционален недостиг од квалификуван кадар, но и на слабости во систематизацијата и управувањето со човечките ресурси. Во вакви услови, одговорноста е дисперзирана, а контролата и надзорот стануваат отежнати.

Состојбата е особено алармантна во Секторот за финансиско-сметководствено работење, каде што од предвидени 95 работни места, пополнети се само 55. Само 33 лица се вработени на неопределено време, додека останатите се на определено или привремено ангажирани. Недостатокот од стабилен и обучен кадар во овој сектор директно се рефлектира врз квалитетот на финансиското евидентирање и известување, што ревизијата јасно го потврдува преку бројните утврдени слабости во управувањето со средствата.

Недоволното вложување во обуки и унапредување на стручните компетенции дополнително го продлабочува проблемот. Освен генерички обуки, не се спроведени други специјализирани или континуирани програми за развој на вработените. Во услови на честа миграција на кадар, ова значи дека знаењето не се задржува во институцијата, а грешките се повторуваат.

Ревизорските наоди за управувањето со земјиштето, опремата и резервите се јасен показател за последиците од ваквата кадровска состојба. Земјиштето со вредност од речиси 20 милијарди денари се евидентира без усогласување со имотните листови, дел од него се води иако е одамна продадено, а за значаен дел нема никакви информации за користењето или сопственоста. Ова укажува на сериозни пропусти во евиденцијата и контролата, кои тешко може да се оправдаат без да се земе предвид недостигот од стабилен и стручен кадар.

Слична е состојбата и со опремата и со резервите. Фактот дека 92% од вредноста на опремата е отпишана, укажува на застарена техничка база, но и на отсуство на долгорочно планирање. Непоткрепеното отстапување на опрема на други институции, застарените и нерасходувани резерви, како и утврдените кусоци без преземени мерки за одговорност, дополнително го поткопуваат системот на финансиска дисциплина.

Ревизијата укажува и на неусогласеност со законската регулатива, особено во делот на ангажирање лица преку приватни агенции за извршување на редовни и раководни работни задачи. Исплатата на преку три милиони денари за 21 привремено ангажирано лице, од кои дел извршувале задачи за работни места од категорија Б, претставува директно заобиколување на Законот за административни службеници и создава ризик од политизација и клиентелизам.

Слабостите во јавните набавки, угостителските услуги и управувањето со службените возила по пат на лизинг ја заокружуваат сликата за институција која функционира без доволно јасни процедури, анализи и контроли. Недостигот од cost-benefit анализи, фаворизирачките услови во тендерите и нецелосната евиденција на прометот во готово се симптоми на систем кој работи реактивно, а не стратешки.

На крај, ревизорските препораки јасно упатуваат дека без итно стабилизирање на човечките ресурси, воспоставување регистар на државниот имот и зајакнување на институционалните капацитети, ризиците за неекономично, неефикасно и незаконито работење ќе продолжат. СОЗР, како сервис на целата државна управа, мора да биде пример за уредно управување. Во спротивно, слабостите во нејзиното работење ќе продолжат да се прелеваат врз целиот јавен сектор.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ