По катастрофалните пожари, македонските шуми се соочуваат со нов, подеднакво опасен непријател – нелегалната сеча. Од Плачковица до Снеговските Ридови, дрвокрадците безмилосно го пустошат шумскиот фонд, често и со вклученост на организирани мрежи. Институциите апелираат за поголема јавна поддршка, додека експертите предупредуваат дека штетите стануваат неповратни
Крадењето дрва во Македонија се зголемува со загрижувачко темпо, уништувајќи критични шумски екосистеми од исток до југозапад. Дури и шумите што успеаја да преживеат разорни пожари сега се соочуваат со нов, подеднакво опасен непријател: моторните пили на нелегалните сечачи.
Најсвеж е примерот од околината на Радовиш, каде што акциите на шумската полиција, заедно со ЈП „Национални шуми“, доведоа до фаќање на дрвокрадците на дело, во шумите на Плачковица. Заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов, објави дека, заедно со шумската полиција и со полициските службеници, на самото место фатиле група дрвокрадци, кои подолго време го пустошеле шумскиот фонд, при што биле одземени моторните возила и моторната пила што ги користеле.
Михаилов со остри зборови повика за поддршка од јавноста, истакнувајќи дека „ги ризикувале животите за Плачковица“, но дека, сепак, недостига општествена поддршка за мерките против бесправната сеча. Тој апелираше до граѓаните да ја разберат штетата што им ја нанесува нелегалната сеча на природата и на безбедноста, нагласувајќи дека институциите постапиле со цел заштита на природните ресурси и на локалните заедници.
Слични проблеми се регистрирани и над Битола, каде што Снеговските Ридови, кои долго време закрепнуваа по големите пожари, сега се цел на нелегални дрвокрадци. Локалните жители и планинари пријавуваат купишта исечени дрвја и двоколки наполнети со огревно дрво на Снеговските Ридови над Битола, што укажува на сè поголемиот обем на нелегална активност длабоко во планинските подрачја, што создава ерозија на патеките и оголување на ридиштата што некогаш го штителе градот од ветрови и од поројни дождови. Според шумската полиција од Битола, во 2025 година биле евидентирани повеќе случаи на нелегална сеча на Снеговските Ридови, со над 143 поднесени прекршочни и две кривични пријави, при што околу 90 % од случаите биле на ова подрачје.
Истражувањата покажуваат дека илегалното сечење дрвја е широко распространето, од планинските масиви околу Шар Планина, каде што бројни стручни анализи укажуваат на голем процент на нелегално исечена дрвна маса. Но, проблемот со нелегалната сеча надминува само локални случаи. Во источниот дел од земјата, беше разобличена голема организирана група од полицијата, при што 15 лица, меѓу кои и службеници од МВР, Јавното претпријатие „Национални шуми“ и Министерството за земјоделство, беа уапсени за нелегална сеча што предизвика уништување на приближно 6.000 хектари шума – штета проценета на околу 104 милиони евра.
Михаилов неодамна, во интервју за весникот ВЕЧЕР, изјави дека дрвокрадците се активни во речиси сите планински региони, загрозувајќи ја не само природата туку и безбедноста на локалните заедници. Експертите и еколошките активисти предупредуваат дека без строги институционални мерки, Македонија може да загуби значителни делови од својот шумски фонд. Локалните граѓански иницијативи, како акциите за пошумување кај Битола и, впрочем, насекаде низ Македонија, покажуваат дека заедниците се подготвени да придонесат, но дека нивните ресурси и капацитети не можат да ја компензираат штетата од систематското дрвокрадство.
(С. Бл. – A. П.)












