Здружението „Здрава котлина“ побара набавка на дрон за мерење на квалитетот на воздухот, вработување на петмина инспектори за животна средина и техничка и теренска ревизија на сите А и Б- дозволи. Барањата вклучуваат и проверка на постојните елаборати за заштита на животната средина, зголемен буџет, материјални средства за 100 проби во акредитирана лабораторија, поставување камери на дивите депонии и јавно објавување на работата на инспекторите.
Протестот се одржа во центарот на Струмица, пред крстосницата на ТЦ „Глобал“, а активистите од „Здрава котлина“ побараа од струмичките пратеници да поднесат иницијатива за итна измена на Законот за индустриски емисии. Предложените измени предвидуваат укинување на деловната тајна за процесите на емисии, забрана за загадување над дозволеното и воведување автоматски континуиран мониторинг со јавна достапност на резултатите.
– Ако не се исполнат овие наши барања во најкраток можен рок, ќе продолжиме со протестите и блокадите. Струмица има право да дише. Сакаме чист воздух! – порача Оливера Аризанова-Мансбарт од „Здрава котлина“.
Граѓаните и активистите алармираа дека во Струмица е загадено повеќето денови во годината и дека редовно е на високите места во домашните и во европските мерења на загаденоста. Протестот се одржа под мотото „Излези. Застани. Зборувај за себе. За своите деца. За здравјето. За иднината“.
Здружението „Здрава котлина“ организираше протести против аерозагадувањето и во февруари и во јули минатата година.












