Народен суд во Хо Ши Мин, во југозападен Виетнам, осуди 11 лица на смрт во еден од најголемите случаи на шверц на дрога во земјата, по истрагата што започна откако четворица членови на кабинскиот екипаж беа фатени како пренесуваат наркотици скриени во туби со паста за заби.
Истрагата опфати вкупно 227 обвинети и беше покрената откако во март 2023 година беа откриени повеќе од десет килограми дрога во 157 туби со паста за заби, кои ги носеле четворица членови на екипажот на „Виетнам ерлајнс“ при пристигнувањето од Париз на аеродромот „Тан Сон Нјат“ во Хо Ши Мин, пренесува Ројтерс.
Властите подоцна утврдија дека жените ја пренесувале дрогата без да знаат за тоа, а истражителите потоа открија транснационална мрежа за трговија со луѓе и стоки што шверцувала наркотици – маскирани како стоки за широка потрошувачка – од Франција во Виетнам.
Обвинителите изјавија дека членовите на мрежата користеле платформи за шифрирана комуникација, банкарски сметки регистрирани на туѓи имиња и служби за достава за да ја дистрибуираат дрогата низ јужен Виетнам.
Најмалку 20 други обвинети во случајот се осудени на доживотен затвор.












